„Аптив“ најверојатно ќе се продава, за „Џонсон мети“ нема известување колку работни места планира да скрати, а за „Дура аутомотив“, нема никакви информации,освен дека намалиле број на вработени. Ова во емисијата „Бизнис21“ го кажа директорот на Дирекцијата на технолошко – индустриски развојни зони, Гоце Димовски. Рече дека сите се активни корисници на државна помош и ќе треба да плаќаат пенали на државата.

„Дури ако го погледнеме „Аптив“ во мај 2024 има околу 490 лица што работат, заклучно со 01.01.2025 – 550. Значи тука нема пад. И Аптив Македонија според информациите што ги добив од менаџментот на Аптив Македонија више си имаат склучени договори за наредни 4,5 години. Меѓутоа за жал таа корпоративна политика доведе до тоа да едноставно се намали производството и на крај да се затвори или да се продаде“, вели Гоце Димовски.

Димовски нема информации дали и други компании од индустриските зони планираат да ги напуштат зоните. Тој најави дека до почеток на март ќе се удри камен-темелник на нова фабрика во зоните, инвестиција од 25 милиони евра и 500 вработувања, која ќе произведува системи за греење за Беко. А во април отворање на нова инвестиција од 70 милиони евра со 500 вработувања.

Од друга страна, според Антони Пешев извршен директор на Стопанската комора, растот на БДП за годинава планиран за 3,7% е тешко остварлив, а реалните проценки се дека економијата ќе расте со 2,7%. Пешев предупредува дека ни се заканува уште една енергетска криза, која лошо ќе влијае на домашната економија.

„Ни претстои веројатно уште една енергетска криза. Според последните информации, растот на природниот гас во овој момент е околу 14-15 посто, тоа ќе повлече сигурно покачување на цената на нафтата додатно, така да ни претстои период во кој е можно зголемување на енергенсите, што за нас како увозно зависни, зависна држава во однос на енергијата би значело повторно една од илјадите кризи кои што ги преживеавме во краткиот временски период“, вели Антони Пешев.