Ултра-либералната влада на Аргентина вчера најави големо олеснување на строгите валутни контроли по одобрувањето на новиот заем од 20 милијарди долари од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), јави ДПА.
Министерот за економија Луис Капуто изјави дека на поединците во Аргентина ќе им биде дозволено да купуваат неограничени количества американски долари, со што ќе се отфрли претходната граница од 200 долари месечно.
Официјалниот девизен курс ќе се префрли од фиксен систем на флексибилен, овозможувајќи му на пезосот да флуктуира во одреден опсег врз основа на побарувачката на пазарот, пренесува германската агенција.
Оваа одлука доаѓа по одобрувањето на ММФ на спасувачкиот кредитен пакет во вредност од 20 милијарди долари.
Аргентина е најголемиот должник на ММФ со повеќе од 44 милијарди долари долг кон Фондот. Новите заеми сега треба да се користат за покривање на каматите кон ММФ и за зголемување на девизните резерви на централната банка.
Десничарскиот либератајнски претседател Ксавиер Милеј, кој ја презеде функцијата во декември 2023 година, иницира радикални реформи. Илјадници државни службеници во меѓувреме беа отпуштени, а социјалните програми беа масовно скратени.
Додека неговите мерки за штедење значително ја намалија инфлацијата, тие, исто така, ја задушија економијата и предизвикаа масовни протести низ целата земја. Во оваа некогаш богата земја, сега повеќе од 50 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија, потсетува ДПА.