Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи негираше дека промовирал нова криптовалута која пропадна веднаш откако тој ја спомна во објава на социјалните мрежи во петокот.

Криптовалутата $Libra рапидно порасна пред да доживее силен пад, предизвикувајќи големи загуби за повеќето инвеститори.

Сега судијата ќе одлучи дали претседателот Милеи ќе се соочи со обвиненија за измама поради инцидентот.

Во понеделникот, Милеи рече дека постапил „по добра волја“ и ги отфрли жалбите на инвеститорите, споредувајќи ја нивната ситуација со коцкање: „Ако одите во казино и изгубите пари, на што треба да се жалите кога сте ги знаеле ризиците?

Претседателот Милеи зборуваше за случајот $Libra во интервју за аргентинската ТВ станица Тодо Нотисиас во понеделникот, по викендот за време на кој невообичаено молчеше на социјалните мрежи.

Тој инсистираше на тоа дека неговата објава на платформата X, која содржеше линк до страницата за купување $Libra, не претставува одобрување.

„Јас не ја промовирав, туку само ја споделив“, изјави Милеи на новинарот Џони Виале од Тодо Нотицијас.

Неговата објава, која ја избриша по само неколку часа, наиде на жестоки критики не само од неговите политички противници во Аргентина, туку и од оние кои инвестираа во криптовалути.

Некои тврдат дека лансирањето на $Libra личи на “rug pull” измама – каде што промоторите привлекуваат купувачи, за потоа да го прекинат тргувањето и да избегаат со парите собрани од продажбата.

Кабинетот на претседателот инсистираше на тоа дека Милеи на никаков начин не бил вклучен во развојот на $Libra и најави дека Канцеларијата за борба против корупцијата ќе утврди дали претседателот постапил несоодветно.

Самиот Милеи ја бранеше својата одлука да ја избрише објавата, велејќи дека тогаш не ги знаел „деталите за проектот, а откако дознал повеќе, одлучил повеќе да не го промовира“.

Сепак, опозициските политичари не се задоволни од ова објаснување и се закануваат дека ќе поведат постапка за импичмент на Милеи.

Иако политичките аналитичари истакнуваат дека опозицијата најверојатно нема да има доволно гласови за да започне судски процес за импичмент, скандалот може да го одвлече вниманието на Милеи од неговата радикална реформа.

Федерален судија доби задача да одлучи дали обвиненијата за измама, поднесени од бројни тужители, ќе бидат кривично гонети.

Во телевизиско интервју, Милеи зазеде борбен став, нагласувајќи дека „нема што да крие“.

Тој исто така рече дека оние кои инвестирале во $Libra го направиле тоа „доброволно“ и биле свесни за ризиците.

„Тоа е како да играш руски рулет и да се застрелаш.