Челичарскиот гигант „Арселор Митал“ објави дека планира да отпушти 600 вработени од седум свои локации во северниот дел на Франција, како дел од стратегијата на компанијата за елиминирање на 1,400 работни позиции во фабриките низ Европа.
Оваа одлука на компанијата предизвика бурна реакција од синдикатите, кои тврдат дека компанијата има намера да го пренасочи производството во Индија и Бразил со цел да постигне пониски трошоци за производство.
“Ова е нокаут, ова е касапница,” изјави генералниот секретар на француската Генерална конфедерација на трудот (ЦГТ), Гаетан Лекок.
Според Лекок, “Арселор Митал” има за цел да се повлече од европскиот континент и да произведува челик во Бразил и Индија, каде што маржите на профит се значително повисоки отколку во Европа.
Претставник на синдикатот во интервју за парискиот „Монд“ тврди дека приближно 200 работни места во помошните сектори на компанијата, како човечки ресурси, набавки, маркетинг и ИТ, ќе бидат “префрлени” во Индија, додека останатите 400 “едноставно ќе бидат укинати”.
„Арселор Митал“ ја оправда оваа одлука со преземените “мерки за реструктуирање”, чија цел е да се прилагодат на новото пазарно опкружување и да се обезбеди конкурентност на компанијата.
Директорот на француската филијала на “Арселор Митал”, Ален Ле Гри де ла Сал, уште во јануари изјави дека компанијата е погодена од “длабоката криза” со која се соочува европската челична индустрија, предизвикана од “прекумерното ниво на увоз” на челик во Унијата, порастот на цените на енергијата и неефикасноста на Механизмот на ЕУ за прилагодување на нивото на јаглерод (CBAM).
Сето ова, според Ле Гри де ла Сал, ја прави европската челична индустрија помалку конкурентна во споредба со производствените капацитети во Азија и Америка.
“Кинескиот челик пристигнува во Европа по цени пониски од нашите трошоци за производство”, рече Ле Гри де ла Сал, посочувајќи дека околу 10 проценти од цената на европскиот челик се должи на трошоците поврзани со прилагодувањето на челичарниците во ЕУ на правилата од СВАМ.
Соочена со кризата во челичната индустрија во ЕУ, Европската комисија минатиот месец објави план за спас на индустријата за челик и метали во блокот, кој, меѓу другото, предвидува заштитни мерки за европскиот челик, обезбедување енергија за индустриските корисници по “прифатливи” цени, како и преиспитување на одредбите на механизмот CBAM.
На одлуката на “Арселор Митал” за укинување на 600 работни места реагираше извршниот потпретседател на Европската комисија за просперитет и индустриска стратегија, Французинот Стефан Сежурне, кој во објава на Икс порача дека мерките што ги презема ЕК се во согласност со барањата на “Арселор Митал” за одржување на неговите производствени капацитети во Унијата.
Европратеникот Кристоф Грудлер од редовите на француското либерално Демократско движење (МОДЕМ), пак, тврди дека најавата за отпуштања, “Арселор Митал” ја користи како средство за преговори за поголеми отстапки.
“Ако “Арселор Митал” не го интересираат плановите што ги иницира ЕУ, компанијата тоа треба јасно да го каже”, рече Грудлер.
Во Франција веќе се појавија предлози за “национализација” на “Арселор Митал Франс” со цел да се зачуваат работните места во челичната индустрија, но францускиот министер за индустрија и енергетика Марк Ферачи ја отфрли таквата идеја.