Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска на сметките на 7.101 субјекти исплати 27.069.000 денари, изјави Зоран Атанасов, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
Тој појасни дека станува збор за исплата на 30 отсто повисока субвенција од основната за секој фармер кој во споредба со претходната година го зголемил основното стадо со говеда, овци, кози, маторици, несилки и пчелини семејства.
„Ова се нови успеси во сточарството. Оваа мерка се исплаќа по првпат и беше владино ветување, со цел поттикнување на одгледувачите на добиток за зголемување на сточниот фонд во Република Северна Македонија“, рече Атанасов.
Тој кажа дека зголемена субвенција добиваат сите фармери кои зеле субвенција за директни плаќања за грла говеда, за обележани грла на овци, за грла кози, за женски приплодни грла на маторици и за директни плаќања за презимени пчелини семејства.
Со зголемување на добиточниот фонд во државата, рече Атанасов, се зголемува и базата за производство на месо, млеко и мед, и е важен инпут во развојот на месната и млечната индустрија.
Тој кажа дека од јуни 2017 година досега се исплатени 346,3 милиони евра вкупно за субвенции.