Центарот за развој на Источен плански регион објавува повик за млади невработени лица со постојана адреса на живеење во општините во рамки на Источниот плански регион, кои имаат претприемнички дух и визија за започнување на сопствен бизнис.
Целта на Јавниот повик е да се зајакне соработката со приватниот сектор преку поддршка на старт-ап бизнис идеи поврзани со развој на еко туризам и промоција на регионот како туристичка дестинација, во согласност со Стратегијата за развој на туризам во Источен плански регион со Акционен план 2016-2025).
Постапката за избор на бизнис идеите ќе се одвива во фази. Во првата фаза заинтересираните апликанти електронски треба да ги достават концептите за бизнис идеи, со краток опис на бизнис идејата, локацијата каде истата ќе се реализира, како и потенцијалните корисници на услугата или производот кој се предложува.
За најдобрите бизнис идеи ќе се овозможи техничка поддршка (обука за подготовка на бизнис план и водење на бизнис). Селектираните апликанти заедно со експертите ќе разработат бизнис план и детален опис на бизнис идејата.
Во втората фаза на селекција ќе бидат избрани 15 разработени бизнис планови кои ќе добијат финансиска поддршка за реализација.
За да бидат подобни за финансирање, предложените бизнис идеи мора да се реализираат на територијата на Источниот плански регион.
Јавниот повик е отворен до 30.08.2019 година до 14 часот, до кога сите заинтересирани апликанти треба да ги поднесат своите бизнис концепти до Центарот за развој на Источен плански регион.
Реализацијата на бизнис идеите во рамките на овој Јавен повик се поддржани од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – фаза 2, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
Вашите бизнис идеи можете да ги поднесете тука.
Повеќе информации за Јавниот повик можете да најдете на следниот линк.