Македонската банкарска асоцијација, Народната банка и Комисијата за хартии од вредност објавуваат јавен повик до основните и средните училишта во државава за учество во меѓународниот натпревар „Европски квиз на парите“.
Овој квиз е проект на Европската банкарска федерација за финансиска едукација на учениците од тринаесет до петнаесет години.
Како што информира Македонската банкарска асоцијација, натпреварот е поддржан од Министерство за образование и наука и Министерство за финансии.
Европскиот квиз на парите се одвива во две фази. Првата фаза се националните натпревари во секоја земја, а втората фаза е европското финале, во кое учествуваат победниците на националните натпревари.
Националниот натпревар во земјава ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите (од 18 до 24 март 2024 година), на македонски и на албански јазик, во два круга. Во првиот круг ќе има онлајн натпревар за селекција на најдобрите три тима, а во вториот круг најдобрите три тима се натпреваруваат за титулата „национален шампион“ со физичко присуство во просториите на Македонската банкарска асоцијација.
Тимот од најдобрите двајца ученици ќе ја претставува нашата земја на европското финале што ќе се одржи на 18 и 19 април 2024 година во Брисел, Кралството Белгија. Секој тим се натпреварува на својот мајчин јазик. Европската банкарска федерација ќе им додели парична награда на училиштата што ќе освојат прво, второ и трето место.
Натпреварите ќе се одвиваат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!), која е едукативна платформа врз база на игра.
– Се повикуваат сите заинтересирани основни и средни училишта да пријават одделенија/класови за учество на националниот натпревар во Република Северна Македонија најдоцна до 19 февруари 2024 година, на веб-страницата на Македонската банкарска асоцијација на следниов линк, или на електронската адреса: [email protected]., се вели во соопштението.
Учениците ќе се натпреваруваат во тимови по двајца. Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија/класови и секој клас може да пријави повеќе тимови. Учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години, со датум на раѓање најдоцна до 19.4.2008 година.
Заедно со податоците за одделенијата/класовите, треба да се достават податоци и за наставниците/професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката.
Едукативните материјали потребни на учесниците од Република Северна Македонија за подготовка за националниот натпревар и европското финале и повеќе информации за Европскиот квиз на парите се достапни на следниве веб-страници: mba.mk и efb.eu.
Јавниот повик е достапен на следниот линк https://mba.mk/w/mk/najava/javen-povik-do-osnovnite-i-do-srednite-uchilishta-vo-republika-severna-makedonija-za-evropski-kviz-na-pari-2024/