Земјоделците сметаат дека и понатаму се потребни унапредувања во делот на отвореноста и конструктивноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кога станува збор за нивното вклучување во процесите на креирање на мерки и политики.
На вчерашната јавна дебата во организација на Рурална Коалиција во рамките на проектот за институционално јакнење поддржан од програмата на Цивика мобилитас, беше истакнато дека Министерството треба да се залага за целосна инклузивност на земјоделците, но исто така и прифаќање на предлозите на земјоделците изнесени во телата во кои што е овозможено нивното учество. Исто така упатија на фактот дека е потребно вклучувањето во работните тела на Министерството треба да им биде познато на сите, треба да ги знаат условите согласно закон кои што треба да ги исполнат за да се вклучат, а Министерството е должно да го обезбеди вклучувањето на сите засегнати чинители во секторот.
Потсекторските групи беа истакнати како едни од најзначајните тела кои што го овозможуваат вклучувањето на земјоделците во креирањето на политиките, но Менде Трајковски од Сојузот на пчеларите, истакна дека се соочуваат со проблем кој ги поврзува сите и бараат начин како да се изнајде решение за патните трошоци, со тоа што треба брзо да се делува од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за издвојување на средства од буџетот. Кон оваа дискусија се придружи и Томе Тимов како претседател на локалното здружение Хорти Еко кој што е и член на потсекторската група за цвеќарство и хортикултура кој што токму поради непокривањето на патните трошоци многу ретко присуствувал на состаноците на потсекторската група кои што од друга страна се и ретки, па апелираше и тој да се изнајде решение и за патните трошоци, но и ваквите состаноци да бидат далеку почести, да се објавуваат сите записници и донесени одлуки за да може секој да се информира и да се вклучи со свои предлози, а не само членовите на групите.
Раководителот на секторот за рурален развој при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-динот Гоце Георгиевски истакна дека сите политики се земени во предвид во овој кризен период, меѓутоа и дава критика дека треба повеќе да се земе сериозноста во обзир и за тоа каде се пресликуваат тие механизми во социјалната политика, и притоа како заклучок го истакна земањето во предвид на предлозите и препораките кои се носат како политики, но исто така и меѓусебното почитување.
Инклузивноста во работните групи е доста опфатена што значи секој треба да го даде својот придонес во зависност од групата што ја претставува.
Во текот на дебатата беа презентирани формите и механизмите за вклучување во работата на Министерството за земјоделство како што се Советот за земјоделство и рурален развој, потсекторските групи, социјалните и економски партнери на Министерството, а беше презентирано и кратко видео за важноста на учеството на граѓанските организации во секторските работни групи, а Лилјана Јоноски, како извршна директорка на Рурална Коалиција, истакна дека од особено значење е транспаретноста, но и отчетноста на институциите, а вклучувањето на земјоделците и граѓанските организации од самиот почеток во процесите на креирање на политики и мерки ќе значи и успешна имплементација на истите, но и креирање на мерки согласно потребите на земјоделците
Како препораки од дебатата произлегоа: унапредувањето на комуникацијата и транспарентноста на институциите, изнаоѓање на демократски начин за вклучување на граѓанските организации и земјоделците во работните тела на МЗШВ, воспоставување редовен канал за информирање и комуницирање со сите засегнати чинители, редовно објавување на повици за членство и одржување состаноци, зголемување на транспарентноста на работата на телата по примерот на ИПАРД-комитетот кој што се смета за едно од најтранспарентните тела кое што овозможува вклучување на сите засегнати чинители.
Целосната анализа на телата и механизмите кои што го овозможуваат вклучувањето на земјоделците и граѓанските организации е достапна тука: https://rural.mk/publikacii/