Владата на вчерашната седница го усвои Годишниот извештај за управување со јавниот долг за 2018 година, според кој јавниот долг на Македонија на крајот на 2018 година изнесува 5.202,2 милиони евра што претставува 48,5 отсто во однос на БДП. 

Државниот долг, пак, како што соопшти владината прес-служба, на крајот на 2018 година изнесува 4.344,4 милиони евра односно 40,5 отсто во однос на БДП.

Од Владата додаваат дека со ова ниво на државен долг Македонија останува умерено задолжена земја со државен долг кој е далеку понизок од просечното ниво на долг на земјите на ЕУ, кој што на крајот на 2018 година изнесува 80,8 отсто.

Според соопштението, годишниот извештај за управувањето со јавниот долг има за цел поблиску и на редовна основа да ги информира Владата и Собранието на Република Северна Македонија и да ја запознае јавноста со карактеристиките на должничкото портфолио на Република Северна Македонија, како и со преземените мерки за негово ефикасно управување во текот на минатата година.