Повеќе од 16 милиони евра долгови – толку изнесуваат обврските на јавните комунални претпријатија во само 23 општини во земјава од колку што ЗЕЛС успеал да собере податоци. Ниска наплата, скапа струја и долгови кон државата ги гушат комуналните претпријатија.
Првите податоци покажуваат алармантна слика за финансиската состојба на секторот, велат од ЗЕЛС, од каде што апелираат на системски промени. Премногу политика и недостиг на државна поддршка се главните проблеми за лошата состојба на овие фирми, смета поранешниот директор на комунално претпријатие и актуелен пратеник Даниел Стојчевски.
Според првиот човек на Регулаторна Марко Бислимоски решавањето на овие проблеми се одложува со децении и време е за промена на концептот. Од здружението на комунални претпријатија АДКОМ алармираат и на друг проблем, стар кадар и слаб интерес кај младите да работат во вакви претпријатија.
Додека институциите меѓусебно си ја префрлаат одговорноста, претпријатијата продолжуваат да трупаат долгови, а граѓаните сè почесто се соочуваат со неквалитетна и несигурна услуга.
Заглавени меѓу долгови и кадровски дефицит, јавните комунални претпријатија не се способни ниту да инвестираат, ниту да се модернизираат. Без јасна стратегија и координирана поддршка од државата, ризикот за целосен колапс на јавните услуги станува сè поголем.