Владата на Австралија ги откри плановите за воведување данок од најмалку 15 % на добивката на мултинационалните компании. Новите правила, според агенцијата АФП, ќе стапат на сила до јули годинава. Минималната стапка на ефективно оданочување од 15 % за мултинационалните компании е на сила во Европската Унија од почетокот на годинава.
Новото оданочување може значително да влијае на работењето на најголемите рударски и енергетски компании, а се очекува овој предлог да наиде на отпор кај големите индустриски лоби- групи.
Австралија е еден од најголемите извозници на нафта, јаглен и на железна руда. Земјата поседува и богати резерви на никел, уран и други ретки метали. Наспроти релативно високата номинална стапка на данок на добивка од 30 %, поддржувачите на новиот данок тврдат дека фирмите плаќаат помал данок, а во некои случаи и не плаќаат никаков данок.
Новиот данок е дел од глобалните текови за да им се оневозможи на мултинационалните компании да ги искористат поволностите на даночната јурисдикција или да го плаќаат данокот таму каде што го остваруваат приходот. Во 2021 година, речиси 140 членки на ОЕЦД го прифатија договорот за реформи на меѓународните правила на оданочување на претпријатијата.