Австралискиот здравствен систем е пред колапс, па владата на Скот Морисон е принудена да направи „очајнички“ потег – да повика помош од таканаречените туристи со ранци т.е. бекпекери.
Бекпекерот е независен вид на патување, кој е многу популарен и има бројни асоцијации. Бекпекери се патници кои на грб носат голем ранец по кој го добиле името, а од останатите туристи освен што полесно и почесто се впуштаат во авантури, се разликуваат и по начинот на кој патуваат.
Владата на Скот Морисон испрати повик до туристите со ранци, бидејќи австралискиот здравствен систем е пред колапс, а бројот на мртви само расте под налетот на омикронските соеви на коронавирусот.
Морисон планира да не им наплатува на патниците барање за виза во замена за вклучување во борбата против Ковид на кој било начин за време на „крстарењето“ низ земјата, но и во другите сектори кои се десеткувани поради вирусот омикрон.
Сето ова го кажа јавно за време на телевизиски пренос, а звучеше вака: „Ајде долу, затоа што сакавте да дојдете во Австралија и порано. Одете низ целата земја и во исто време придружете се на нашите тимови во земјоделскиот сектор, здравствениот сектор , но во многу други сектори од нашата економија кои се потпираат на таа работа“.
Според многумина, овој очајнички потег доаѓа во изборна година кога владата на Морисон се соочува со огромни критики за неуспехот да ја стави пандемијата под контрола, и покрај најригорозните мерки чија жртва беше Новак Ѓоковиќ.
Но, парадоксот е, според Ројтерс, што Морисон ја испратил поканата истиот ден кога Американскиот центар за контрола на болести, познатиот ЦДЦ, објави во своите американски медиуми дека 22 земји се на листата на многу ризични за Американците да патуваат до нив. Погодувате, Австралија е и на таа листа.
Здравствените власти денеска пријавија 67 нови смртни случаи и скоро 80.000 нови инфекции. Вчера бројот на починати беше 77, а шефот на главната канцеларија за здравство Пол Кели вели дека Австралија треба да биде подготвена дека бројот на починати ќе продолжи да расте.
Болниците во државата Викторија веќе преминаа на „кафеаво ниво“, што би требало да значи дека се на ниво на тревога што се буди при национални катастрофи и настани со масовни жртви. Медицинските сестри штрајкуваат во соседниот Нов Јужен Велс поради недостиг од болнички персонал.
Друга критика за Морисон е дека нема доволно домашни антигенски тестови, односно брзи тестови за ковид, додека од друга страна, цените на оние на пазарот скокаат. Ова особено предизвика голем гнев.