Автопатот Кичево-Охрид, нема да заврши само со 600 милиони евра, колку што досега чини неговата изградба. За неговото завршување најверојатно ќе бидат потребни уште пари, најави денес, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, кој заедно со министерот за транспорт Николоски извршија увид на градежните работи.
„Можеби ќе бидат потребни, бидејки овој проект е правен уште 2014 година. Тогаш стандардите биле други, а сега се други и ние мора да ги пратиме европските станради. И затоа можеби ќе треба некаде и да се дополни. Неможам да ви кажам колку, бидејки немам информација. Останува рокот 2026 година за завршување на овој автопат и се надеваме и се трудиме до тој период да биде завршен, нормално ако не настанат некои проблемни непредвидени“, рече Трајановски-директор на ЈПДП.
И министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, уверува дека целата автопатска делница ќе биде готова до крајот на 2026 година.
„До почетокот на следната туристичка сезона, ќе го завршиме некаде околу 40 километри, автопатот од влезот на Охрид, до селото Врбјани, односно каде почнува Пресека, со еден мал дел кај селото Ботун затоа што таму има едно големо свлечиште, кое треба да се решава. А до крајот на 2026 година ќе се заврши со целото автопатско решение од Кичево до Охрид, кое веднаш после тоа ќе се надоврзе на автопатот Кичево-Букојчани, за кој што во моментот има претквалификација и очекувам во текот на пролетта да избереме изведувач. Почна да се работи и на автопатско решение Гостивар-Букојчани, односно заобиколување на Стража и на автопатско решение Госативар-Тетово“, рече Александар Николоски-министер за транспорт и врски.
И градоначалникот на Охрид повика на што побрзо завршување на автопатот.
„Овој автопат долги години претставува трн не само за туризмот, туку и за поврзаноста на Охрид со главниот град Скопје. И ова што се случува овие неколку денови, каде е видлива работата под рефлектори,како и континуирана работа како на механизација така и на луѓе ни дава за право да оечкуваме дека она што сме го дале како ветување дека ќе биде многу скоро остварливо и со тоа ќе ја вратиме надежта на граѓаните“, додаде Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.
Беше речено дека ќе се работи и во зимските месеци, како и во ноќни услови со додавање на адитив во асфалтотот, со што ќе се продолжи градежната сезона. Кичево-Охрид се гради повеќе од 10 години. Почна да се гради во 2014, година, во време на Никола Груевски, со неколку пробивања на роковите досега. Последниот рок беше до 2023 година, но истиот беше пробиен од страна на претходната власт.