Цените на акциите денеска пораснаа на азиските берзи откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека цените на нафтата треба да бидат пониски и дека централните банки треба да ги намалат каматните стапки. Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI во 07:00 часот порасна за 0,6 отсто.
Јапонскиот индекс Никеи порасна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Јужна Кореја, Шангај и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,4 и 2,1 отсто. Така, азиските берзи го следат вчерашниот раст на Волстрит, кога Dow Jones зајакна за 0,92 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,53, а Nasdaq индексот за 0,22 отсто.
Растот на овие индекси четврти ден по ред и новиот рекорден досег на S&P дојде откако Трамп во своето обраќање пред учесниците на Светскиот економски форум во Давос рече дека ќе побара од ОПЕК да ја намалат цената на нафтата, а централните банки да ја намалат каматните стапки.
Трамп го омекнува тонот кон Кина
Сепак, утрово јапонската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени, на 0,50 отсто, што е највисоко ниво во последните 17 години. На овој начин монетарните власти сакаат да ја запрат инфлацијата. Иако зголемувањето на каматните стапки вообичаено има негативно влијание врз пазарот на капитал, јапонскиот индекс Никеи благо порасна бидејќи таквиот потег беше очекуван.
Кинеските инвеститори, сепак, беа охрабрени од омекнатиот тон на Трамп за воведување царини за Кина. Во интервју за Fox News, Трамп рече дека неговиот неодамнешен разговор со кинескиот претседател Си Џинпинг бил пријателски и дека е можен трговски договор со Кина.
Тој рече дека не би сакал да користи царини, но дека тоа е многу моќно оружје во преговорите со Кина. Благодарение на ова, стивнаа стравувањата од нова трговска војна меѓу САД и Кина, каква што постоеше за време на првиот мандат на Трамп.