Од денеска до 9 јули отворен е новиот повик за развој на рибарството и аквакултурата во земјава. Право на аплицирање имаат сите кои во период од 1 февруари до 31 мај годинава набавиле материјал за порибување и субјекти кои поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал од рибник наменет за промет и немаат увезено порибителен материјал и жива риба во периодот декември 2020 – декември 2021 година од видот риба за која поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал за сопствено насадување на рибникот.

Како што рече директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски кој го посети рибникот „ДООЕЛ Рила“ од селото Лаки, во близина на Виница, на повикот може да аплицираат и сите што набавиле подмалдок, а се регистрирани за дејност аквакултура и се запишани во регистарот на одгледувачи на риби при МЗШВ. Подмладокот кои го имаат треба да е купен од субјекти со дозвола за производство на порибителен материјал, од рибник наменет за промет и да немаат увезено порибителен материјал и жива риба во периодот декември 2020 – декември 2021 година.

-Максималната вредност на прифатени трошоци за порибителен материјал е 40 отсто од вредноста на набавениот или сопствениот подмладок. Финансиската поддршка за порибителен материјал се исплаќа скалесто и тоа: за купен сопствен подмладок до 2.500 килограми – 100 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот. За купен сопствен подмладок од 2.500 до 5.000 килограми поддршката изнесува 75 отсто од вредноста на утвредната цена на подмладокот, додека 25 проценти финансиска поддршка, ќе добијат сите кои имаат сопствен или купен подмладок над 7.500 килограми, рече Бачовски.

Преку овој повик, додаде директорот, поддршка можат да добијат и сите кои се занимаваат со рибарство и аквакултура а во период од 1 ноември 2020 до март 2021 година направиле трошоци за дополнителна физичка заштита на рибите додека биле во природен мрест.

-Како прифатливи трошоци согласно програмата се сметаат: рибочувари, набавено гориво за пловни објекти во сопственост на концесионерот или даден на користење на концесионерот, изнајмување на пловни објекти од трети лица. Поддршката од потточка 1.6 зависи од условите на теренот и големината на риболовната вода. Поддршка до 30.000 денари може да добијат сите кои имаат направено заштита на риболовните ревири и рекреативни зони, до 150.000 денари поддршка ги следува сите кои направиле заштита на риболовни зони, до 400.000 денари ги следуваат сите кои имаат заштита на риболовните подрачја, истакна Бачовски.

Барањата и целокупната документација може да се најдат на веб страницата на АФПЗРР www.ipardpa.gov.mk, а документите се доставуваат во оригален примерок. Пополнетите барања за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка во рибарстовото и аквакултурата за 2021 година заедно со целокупната потребна документација се доставуваат во затворен поштенски плик кој на предната страна во горниот лев агол треба да има ознаката “НЕ ОТВОРАЈ“, за Јавен повик број 01/2021 и назначување на шифрата на потточката за која се поднесува барањето.

Барањето може да се достави и по пошта наадреса на Платежната агенција.

-Доколку се поднесат повеќе барања отколку што има расположливи средства согласно Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2021 година, Агенцијата ќе им даде предност на оние баратели кои го поднеле своето барање порано од останатите. Крајниот рок за поднесување на барањата е 09 јули 2021 година. Со помош на Програмата за рибарство и аквакултура, директно влијаеме врз домашното производство на риби и обезбедување на свежа риба за потребите на домашниот пазар, потенцира директорот Бачовски.

Тој информираше дека на минатиот оглас, рибникот „Дооел Рила“ доби грант од 370.000 денари за порибување со 1.600 килограми виножитна пастрамка.