Дополнителна трансформација и подобрување на мерките ќе се реализира преку програмите во следниот период поради неопходноста од претходните законски измени предвидени за оваа година, вели министерот Цветан Трипуновски. Засега, тргнати се двојните бирократски процедури. Што велат земјоделците, а што академската фела – каков модел на субвенционирање ни е потребен?
Околу 1 милијарда евра во последниве години годишно се трошат за увоз на храна, наспроти долгогодишната практика на субвенционирање во земјоделието. Субвенциите, за да земјата си произведе храна, не се наш изум, тоа го прават и сите други земји, а од буџетот на Европската Унија се издвојува околу една третина. Но, она што нас нè мачи е како тоа од година в година имаме раст на субвенциите со истовремено и раст на увозот на храна и намалување на број на земјоделци. Според податоците од Светска банка, во периодот помеѓу 2014 и 2024 година, буџетот за земјоделството и рурален развој бил 1,3 проценти во однос на бруто-домашниот производ. Тоа е двојно повеќе од процентуалната споредба во Западен Балкан и речиси трипати повеќе од просекот во ЕУ!
Владата е свесна дека нешто не штима со субвенциите. Се најави нов модел на субвенционирање. Земјоделците, оние што се декларираат за вистински, велат дека во изминатите години имало многу малверзации и дека парите често не завршувале на вистинско место. Тие се жалат и на ненавремена исплата на субвенциите, а заедно со власта се сложуваат дека паричната помош ја нема развојната компонента.
Состојбата егзактно се пресликува низ бројки. Според податоците од Државниот завод за статистика, кои за минатата година се готови заклучно со ноември, увезена е храна, живи животни, животински и растителни масла, масти и восоци за нешто малку над една милијарда евра, што е за 9 % повеќе од претходната година за истиот период. Секако, Македонија успева и да извезе и од земјоделските производи има значаен девизен прилив. Така, извозот на храна во 11-те месеци од 2024 година бил 520,8 милиони евра. Но, бројките јасно покажуваат дека со храната сме во дебел дефицит, односно извозот е половина од увозот. Во суфицит сме кај тутунот. Нашиот извоз на тутун и производи од тутун, лани заклучно со ноември тежел 132,7 милиони евра, додека увозот бил 39,6 милиони евра.
Земјоделските субвенции функционираат речиси две децении. Според информациите, од буџетот за земјоделството за овие години се одлеани околу 1,5 милијарда евра.
Оваа година се предвидуваат 7,2 милијарди денари (околу 120 милиони евра) како поддршка за директни плаќања распределени во програмите за финансиска поддршка. Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година изнесуваше 7 милијарди денари, во 2023 година беше 6,4 милијарди денари, во 2022 година – 3,6 милијарди денари, во 2021 изнесуваше 3,7 милијарди денари, во 2020-та нешто над 4 милијарди денари. Ова се иницијалните програми, кои потоа може да претрпеле промени.
Трипуновски: Промените се почнати, ќе се менува и регулативата
Од Министерството за земјоделство велат дека имаат согледано пропусти во сегашниот начин на поддршка на земјоделците, како и дека промените на системот за поддршка се започнати во рамките на новите програми за финансиска поддршка за 2025 година.
– Уште за оваа година укинат е комплицираниот и несоодветен систем на двојно и условено аплицирање, кое ги комплицираше постапките за администрација и контрола и за корисниците и за институциите. Направено е спојување на мерките и поедноставена е структурата колку што е можно повеќе. Преку вклучување на инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ), ќе се зголеми присуството на инспекторите на терен. Во следниот период ќе се засилат контролите заради следење на состојбите и превенција од евентуална злоупотреба. Соодветното и наменското користење на средствата од програмите за финансиска поддршка ќе овозможат повеќе пари за вистинските земјоделци – изјави за „Слободен печат“ министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
Сепак, објаснува министерот, за низа планирани промени или воведување нови мерки, реализацијата ќе биде возможна после измените на Законот за земјоделство и рурален развој кои се во тек.
Министерот Трипуновски детално објасни и кои земјоделци може да очекуваат годинава повеќе пари.
Зголемување на износот на поддршката преку директни плаќања ќе биде реализирано кај потсектори што се соочуваат со сериозен пад во производството, а имаат компаративна предност и произведуваат производи важни за исхрана на населението, како што се сточарските потсектори на пример.
Министерот посочува и дека ќе има инвестиции во наводнување и одводнување, поддршка на пазарните форми на здружување, поставување ефикасен систем за знаење и иновации во земјоделството. Ќе се обезбеди поддршка за таргетирани групи корисници со развоен потенцијал, пред сè млади земјоделци. Ќе се интензивира процесот на акредитација на новите ИПАРД-мерки што ќе овозможат пристап до нови средства од ЕУ за кои немаше можност да се користат.
– Дополнителна трансформација и подобрување на мерките ќе се реализира преку програмите во следниот период поради неопходноста од претходните законски измени предвидени за оваа година. Директните плаќања треба да ја добијат структурата според стратегијата која ќе значи приспособување кон европските политики – прецизира Трипуновски.
Професор Димитриевски: Помалку директни плаќања, повеќе рурален развој
Драги Димитриевски, професор од Факултетот за земјоделски науки и храна, вели дека без субвенции земјоделието тешко ќе опстане, но дека мора да направиме некои промени во моделот, а во насока на она што го бара заедничката политика на ЕУ. Тој потенцира дека помал дел од парите треба да одат во директни плаќања, а поголем дел во рурален развој.
– Субвенционирање има насекаде. Еве ако ја земе Европската Унија, најголем дел од Буџетот се троши за поддршка на земјоделството. Да, во последните години поддршката се намалува, но во почетокот на заедничката европска политика, субвенционирањето поминувало и преку 50, или 60 отсто од буџетот. Денеска е околу 32-33 проценти. Она за што ние и претходно сме се залагале е во таа буџетска поддршка на земјоделството, значаен дел да оди во Програмата за рурален развој, односно во она што значи поддршка на приватни инвестиции, примена на нови технологии, воведување нови технички средства, во дигитализацијата. За жал, најголем дел од парите низ годиниве одеа во директни плаќања, а тоа не води кон менување на структурата и субвенциите не ги даваат очекуваните резултати. Напротив – површините се намалуваат, земјоделците ја напуштаат оваа дејност, производството се намалува – вели Димитриевски.
Професорот Димитриевски истакнува и дека е неопходно да се изготви еден план за делување, да се анализира кои сектори треба да се поддржуваат преку директни плаќања.
– Мора да обезбеди еден транзиционен период во кој ќе ги направиме сите тие промени. Ако тоа се случи преку ноќ, може да делува и разорно на некои потсектори. На пример, кај градинарството, овоштарството, па и лозарското производство, сега имаме релативно поинтензивни субвенционирања и доколку поминеме на некој модел на производно неврзани субвенции, без да создадеме некои други мерки и инструменти со кои би ги поддржувале тие сектори, би можно е да имаме сериозни проблеми – вели професорот.
Тој вели дека како Факултет се вклучени во активностите на Министерството за земјоделство и прават длабинска анализа на Стратегијата за земјоделство и рурален развој и сознанијата се дека треба да се промени моделот на буџетската поддршка во земјоделството.
И земјоделците се свесни дека моделот мора да се менува
„Слободен печат“ разговараше и со повеќе земјоделски здруженија. Земјоделците се свесни дека мора да се менува моделот за поддршка, но укажуваат и на тоа дека мора да се надминат низа актуелни состојби за да може да се зголеми производство на земјоделски производи.
Ѓорѓи Каракашарев од Национална земјоделска мрежа вели дека од страна на Министерството биле поканети на консултативен состанок во однос на Предлог-програма за директни плаќања за 2025 година.
– Она што за нас е важно е што сега нема да има двојно пријавување како што беше досега, односно максимално се кратат административните процедури. Насоката од Министерството е повеќе да се подобри квалитетот на сметка на квантитетот и тоа е добро. Во ставките има некои минимални корекции, нешто оди нагоре – изјави за „Слободен печат“ Каракашарев.
Но, тој нагласува дека средствата што се предвидени за развој на земјоделието, не ги задоволуваат потребите.
– Ние сме на многу ниско ниво на развој и ако сакаме да продуцираме побрз развој, треба да имаме поголема поддршка во однос на стимулативните мерки. Повеќе од средствата треба да се насочат кон развојот на самото земјоделство и во оние области каде што се генерира поголем економски развој. Поддршката не може да биде насекаде со исто темпо. Поддршката повеќе треба да биде насочена кон продукција на производи што се нужни за исхрана на населението. Во земјоделието секој вложен денар се враќа со најмалку еден денар добивка. Никој не може да каже дека парите вложени во земјоделието се бадијала фрлени пари – вели Каракашарев.
Каракашарев посочи дека паралелно со нов модел за субвенционирање, треба да се работи и на законската регулатива, во која тврди дека има многу недоречености. Во разговорот истакна и дека имаме многу ниски откупни цени кои не ги одразуваат реалните трошоци, имаме несигурен пласман, имаме отсуство на стратегија, некаде имаме хиперпродукција, во некои сектори минимално производство.
– Ние, за жал, сè уште имаме монополи во државата, да не ги наречеме картели, кои вршат масовна експлоатација на земјоделците, а жртва на сето тоа сме ние како примарни производители и на крајот граѓаните – вели Каракашарев.
Претседателот на „Агросојуз“ од Струмица Ристо Велков вели дека најважно за земјоделците е да има повисока цена на нивните производи, а дека субвенциите, секако се добредојдени. Но, и според него, поддршката треба да се врши на поинаков начин.
– За градинарските производи последниве две години беа добри. Се зголемија цените и тоа е најдоброто нешто што можеше да им се случи на земјоделците. Субвенциите се добредојдени, но ако цената не е добра, тие се бадијала. Градинарството спаѓа во гранките што има најголема цена на чинење. Субвенционирањето од 3.000 денари по декар е мало компензирање со нашите трошоци, тоа на пример не е ниту 2 килограми од некој препарат што мора да го употребуваме – вели Велков.
Според него, во градинарството вистинска амортизација на трошоците би се извршила доколку, на пример, се врши субвенционирање на препаратите, или на семето што тие го користат.
– Со некој ваков начин на субвенционирање, би се избегнале и манипулации. Сметам дека во градинарското производство ги нема многу, но за нив постојат можности каде што има многу големи површини, како на пример во поледелството – вели Велков.
Федерација на фармери: Најважно е парите да отидат кај вистинските земјоделци
Од Националната федерација на фармери (НФФ) велат дека се социо-економски партнер на Министерството за земјоделство и дека се целосно вклучени во моделот на креирање на земјоделската политика преку системот на потсекторски групи во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој.
– Она што е најголемо залагање на Националната федерација на фармери е субвенциите да бидат наменети за вистинските земјоделци, односно за онаа категорија што живее од земјоделството, инвестира и го одржува. Субвенциите се неопходни за одржување на земјоделството, особено за малите земјоделци. Во таа насока треба да се почитува временска рамка за програмите за субвенции и руралниот развој, за да се планираат и да се користат средствата навремено. Исто така, потребно е воспоставување мониторинг систем за следење на трошењето на средствата и на ефектите од овие програми, како и навремена информација за земјоделците за програмите и измените во програмите преку веб-страниците на МЗШВ и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој – изјавија за „Слободен печат“ од НФФ.
Според НФФ, сегашниот начин на субвенционирање е модел што е во примена подолго време, а ја следи Заедничката земјоделска политика на ЕУ.
– Во примената на моделот, корисниците, критериумите, начинот на аплицирање и следење на мерките, досега се правени повеќе измени. Националната федерација на фармери постојано инсистира на подобрување одредени механизми во пријавувањето и исплата на субвенциите во согласност со анализите од терен, но и за типот корисници и видот на мерките на поддршка – велат од НФФ.
Кои се недостатоците на сегашниот модел?
Министерот Трипуновски појаснува дека „поставеноста на системот на директните плаќања во изминатиот период е комплексна, дополнително фрагментирана и искомплицирана“.
– Постапките за аплицирање за програмите за поддршка се усложнети со барање земјоделците најмалку двапати да доаѓаат во подрачните единици на Министерството да аплицираат што доведе голем дел од нив и воопшто да не ги остварат своите права. Акредитацијата на неколку многу важни мерки какви што се агроеколошките мерки, руралната инфраструктура и ЛИДЕР пристапот не е реализирана во изминатиот период иако тие се програмирани во последниве два програмски циклуси што покрај неможноста за соодветно третирање на проблемите може перспективно да влијае врз недоволната реализација на идните ИПАРД-програми. Дополнително, во политиките за рурален развој и заедничкото управување со пазарите сè уште не е започнато со реализација на низа важни мерки предвидени со стратегискиот документ ( Национална стратегија за земјоделство и рурален развој 2021 -2027) иако е помината половина од стратегискиот период – одговори министерот Трипуновски на нашето прашање како го оценува постојниот модел и каде се детектирани клучните слабости.
Пред нас, пак, е нова земјоделска сезона, со нови предизвици исфилувани со климатските промени. Засега, според изјавите од Министерството за земјоделство, нема суштински промени во моделот на субвенционирање и сè уште поддршката главно е концентрирана преку директни плаќања. Ако субвенциите дава резултат, државата ќе имаше поголемо производство и ќе можеше да влијае на инфлацијата во минатите години. На пример, на годишно ниво лани се издвои ноемвриската инфлација од 4,3 проценти, но кај храната таа беше уште повисока, дури за 5,7 проценти!
Извор: Слободен Печат