По споровите околу трговијата, технологијата и пазарите на капитал, најголемите економски суперсили ќе бараат надмоќ на трговијата на патеката на „климатските промени“.
Кина досега инвестираше двојно повеќе од САД во енергетската транзиција. Податоците го одразуваат периодот 2010-2020 година.
Според Bank of America, двата економски хегемона ќе се судрат околу синџирот на снабдување, производните политики на внатрешниот пазар, законите за човекови права и трговските тарифи поврзани со јаглеродните емисии.
„Климатската војна“ меѓу Вашингтон и Пекинг ќе биде проследена со техничка и трговска војна, бидејќи климатските промени стануваат доминантно економско и политичко прашање во следните децении, велат експертите од Bank of America.
Економистите од банката нагласуваат дека не станува збор само за спас на планетата. Климатските стратегии нудат пат кон глобална надмоќ, бидејќи тука станува збор за многу повеќе: економското влијание може да достигне 69 трилиони американски долари овој век, а инвестициите во енергетска транзиција мора да се зголемат на 4 трилиони долари годишно.
Тензиите меѓу САД и Кина продолжија и во времето на претседателот Џо Бајден, откако државниот секретар Ентони Блинкен минатиот месец одржа кратки дискусии со кинески делегати на Алјаска.
Пред самитот на Г-7 во Корнвол, Велика Британија, во јуни, американските трговски претставници изјавија дека најголемите светски економски сили ќе треба драстично да ги развиваат своите научно-технолошки истражувања и соработка за да се натпреваруваат со Кина.