Веројатно најголемиот страв кој го имаат луѓето при користење на плаќања преку интернет е дека хакери или on-line криминалци ќе дојдат до нивните податоци од картичката и би ги искористиле за целосно празнење на сметката.
Затоа потребна е голема претпазливост кога ги пишувате вашите лични податоци и информациите за картичката (број на картичка, рокот на употреба, типот на картичката и безбедносниот број CVV од три или четири бројки кој се наоѓа на задната страна на картичката) на веб-страници и веб-продавници.
Компанијата Oberthur Technologies, тврди дека имаат решение што во голема мера ќе ја зајакне безбедноста на интернет купувањето и да се спречи употребата на украдените податоци од кредитните картички. Нивната картичка по изглед и димензиите е идентична како и другите банкарски картички, но од сегашните картички е различна по тоа што на задниот дел, на местото каде што се додава безбедносниот број со три или четири цифри има мал екран на кој овие бројки постојано се менуваат, приближно на секои 40-60 минути, а екранот се напојува со литиум-јонска батерија која треба да обезбеди работа на екранот дури и до три години.
Со оглед на тоа што кодот постојано се менува доколку некој дојде до тие податоци, тој нема да биде во можност да ги злоупотреби, т.е. ќе има многу малку време за нивно искористување, бидејќи овој безбедносен код се менува на секои 40-60 минути. “Се надеваме дека динамичниот CVV ќе ги намали измамите”, изјави Martin Ferenczi од Oberthur Technologies.
Намалувањето на бројот на измами ќе им заштеди многу пари на банките и нивните клиенти, но проблем на оваа картичка е високата почетна цена. Всушност, според CNN, цената на класичните картички е околу 20 центи по парче, модерните картички чинат околу 1,20 $, додека цената на картичката што е развиена од Oberthur Technologies изнесува меѓу 10 и 20 $, така што доколку некоја банка би сакала да замени на пример 30 милиони картички тоа ќе ја чини помеѓу 300 и 600 милиони долари.