Воглавно нерегулираното „банкарство во сенка“ и анемичната профитабилност на традиционалните кредитори, спаѓаат меѓу најголемите ризици за финансискиот систем во Еврозоната.
Ова денеска го соопшти Европската централна банка(ЕЦБ) во најновата проценка за стабилноста на банкарскиот сектор.
Преценетата вредност на станбените недвижности, исто така бара мерки на интервенција, додека „ладењето“ на претходно „прегреаниот“ пазар на недвижнини ги зголемува изгледите за повлекување на инвеститорите, а со тоа и ризикот од колапс, додава ЕЦБ.
Заканите за финансискиот систем во Еврозоната се натрупуваат со години, бидејќи ултра ниските каматни стапки на ЕЦБ ја намалуваат заработката на банките, го зголемуваат заемот и поттикнуваат прекумерно преземање ризик, наведува Reuters.
Забрзаниот пораст на „банкарството во сенка“ е особено загрижувачко за регулаторите, бидејќи овие субјекти се изложени на полабави регулативи, а немаат овластување да ограничуваат некои од нивните бројни активности.
Од ЕЦБ велат дека „банкарството во сенка“ расте на штета на традиционалните кредитори, кои се под притисок на големите регулаторни оптоварувања, односно „наследството“ на глобалната финансиска криза која сè уште ги принудува многумина да акумулираат капитал.