Опасноста од долготрајна инфлација е поголема во Велика Британија отколку во САД, рече денеска официјалната претставничка на Банката на Англија, Меган Грин во напис за „Фајненшл тајмс“.
Според неа, пазарите сега очекуваат Банката на Англија да ги намали каматните стапки порано од американската централна банка, ФЕД.
Главната причина за овие очекувања, според Грин, е изненадувачки високата мартовска инфлација во САД.
Меган Грин смета дека очекувањата на инвеститорите се преуранети и предупредува на опасноста од долгорочна инфлација во Велика Британија.
Инфлацијата во САД се зголеми во март од 3,2 отсто во февруари на 3,5 отсто, објави вчера Американското биро за статистика на трудот.
Пазарите очекуваа помала мартовска инфлација во САД од 3,4 отсто, а сега е највисока од септември 2023 година, според веб-страницата на организацијата.
Банката на Англија на 21 март на својата веб-страница објави дека одлучила да ја задржи референтната каматна стапка на 5,25 отсто по петти пат по ред, во согласност со очекувањата на пазарот.
Референтната каматна стапка во Велика Британија останува на највисоко ниво во последните 16 години. Следната одлука за каматна стапка во Велика Британија ќе биде објавена на 9 мај.