Банките се уште молчат за висината на провизиите кои ќе ги наплаќаат при одобрување на кредитите од унгарскиот заем, наменети за компаниите. Ниту од Владата се уште не добиле информација од банките за тоа колку ќе го чини буџетот оваа услуга, откако власта реши сите трошоци, вклучувајќи ја и каматата од 3,25 проценти, да падне на товар на граѓаните, преку државната каса.

Од Македонската банкарска асоцијација велат дека и тие немаат информација околу ова.

– Ве информираме дека сè уште немаме добиено официјално известување за условите за пласирање на средствата од унгарскиот кредит.

Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена изрази разочараност од банките кои одбиле да преземат ризик. Според него, ризик сноси и државата, но и граѓаните, па се надевал дека тој ќе се подели. За дел од економските експерти овој потег е проблематичен. Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии вели дека трошоците за камати и провизии од унгарскиот заем, кои нема да ги платат фирмите, ќе ги платат граѓаните, оти сѐ што се плаќа од буџетот, го плаќаат граѓаните. Но, буџетот не е приватен имот на премиерот или било кој друг, вели Јовановиќ.

– Тоа не би било толку проблематично, доколку добивката која ќе ја остварат тие фирми заврши барем делумно кај граѓаните, ама тоа за жал нема да биде случај. Во економијата оваа појава се нарекува – социјализација на трошоците, а приватизација на добивките. И тоа сме го виделе многу пати, не само кај нас, туку секаде во светот. Она што може да го направи за да ја избегне оваа неправда е ако воведе прогресивен данок на добивка (или го продолжи солидарниот данок), па да ги покрие овие трошоци за камати од тие пари. На тој начин државата би земала од оние фирми кои имаат, за да им даде на оние кои немаат, што би бил своевиден робин-худовски потег.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во петокот соопшти дека државата прифатила трошоците за кредитите за компаниите да паднат на товар на буџетот, кој го полнат граѓаните. Банките само под тој услов се согласиле да ги пласираат 250-те милиони евра, дел од унгарскиот кредит наменет за стопанството. Се уште е спорен и рокот за враќање, откако банките не се согласуваат тој да биде 15 години, колку што е и рокот државата да го врати кредитот на Унгарија и бараат тој да биде значително пократок.