Над шест милијарди евра се вкупните бруто кредити одобрени од банките во државата, вклучувајќи ја и Развојната банка на Република Северна Македонија. Тука спаѓаат сите средства дадени на државата, на нефинансиските друштва, на домаќинствата, на непрофитните институции кои им служат на домаќинствата и на нерезиденти (нефинансиски субјекти). Бруто депозитите, пак, се повеќе од 8,3 милијади евра. Податоците се од Народната банка, со состојба од 30 септември годинава.
Кај нефинансиските друштва, односно во фирмите и компаниите во вид на кредитна поддршка се пласирани 3,35 милијарди евра. Тој износ е повисок кај домаќинствата, чиј долг по таа основа е 3,58 милијарди евра.
Од друга страна, депозитите на компаниите во банкарскиот систем се 2,52 милијарди евра. Поголемиот дел од 5,48 милијарди евра се пари што граѓаните им ги довериле на банките во Македонија.
Во поделбата на колачот најголемиот дел го добива тројката Комерцијална, Стопанска и НЛБ банка. Кај нив се доверени 5,16 милијарди евра како влогови од граѓаните и од компаниите. Што им овозможува да бидат и во улогата на најголеми кредитори. Од вкупните позајмени пари, 3,73 милијарди евра се побарани, одобрени и исплатени од овие банки.
Во прилог на тоа и класификацијата пет – три – пет. Односно групирањето на банките по големина. Пет се големи банки со актива поголема од 47,3 милијарди денари (770 милиони евра): Комерцијална со 2,57 милијарди евра; Стопанска со над две милијарди евра; НЛБ со 1,79 милијарди евра; Шпаркасе и Халк со по 1,4 милијарди евра.
Во групата средни банки со актива меѓу 11,8 и 47,3 милијарди денари (од 192 милиони до 770 милиони евра) се три банки: Прокредит со 746,3 милиони евра; УНИ со 435,1 милион евра и Развојната банка со 240,9 милиони евра.
Активата пониска од 192 милиони евра означува мали банки: Централна Кооперативна со 189,7 милиони евра; Стопанска Битола со 186,2 милиони евра; ТТК со 154,2 милиони евра; Силк Роуд со 152,2 милиони евра и Капитал со 45,3 милиони евра.
Структурата на групите банки е утврдена според износот на нивните активи на 31 декември 2022.
Комерцијална е најголема според активата и најдобра по финасиските резултати што банките ги објавуваат на секои три месеци. Располага со 2,23 милијарди евра депозити. Од населението 1,56 милијарди евра и од компаниите – 556,7 милиони евра.
Од аспект на кредитирањето заостанува зад Стопанска и НЛБ банка и повеќе е ориентирана кон компаниите. Има одобрено кредити во вкупен износ од 1,06 милијарди евра. На нефинансиските друштва 656,5 милиони евра и на домаќинствата – 373,6 милиони евра.
Стопанска е банка од каде што произлегле најмногу пари во вид на кредити – 1,47 милијарди евра. Погоемиот дел од 929 милиони евра е позајмен на населението, а 548,44 милиони евра се за задоволување на потребите на компаниите.
На „чување“ и се доверени 1,53 милијарди евра. Од компаниите 331,49 милиони евра, а од населението 1,15 милијарди евра.
Довербата кон НЛБ клиентите ја изразиле со депозити од 1,4 милијарди евра. Домаќинствата со 1,03 милијарди евра, компаниите со 332,8 милиони евра.
Вкупно одобрените кредити се во износ од 1,2 милијарди евра. Од тоа, кај компаниите се пласирани 416,8 милиони евра. Граѓаните користат 815,4 милиони евра.
Банкарскиот систем во државата е стабилен, во тоа партиципираат и другите банки без оглед на габаритот. Тие девет банки (без Развојната, која само има кредитна функција) вкупно располагаат со депозити од 3,14 милијарди евра. А, десетте банки заедно одобриле кредити во износ од 3,2 милијарди евра.
Шпаркасе, која е во редот на големите банки, има исплатено кредити од 1,02 милијарди евра, кај нефинансиските друштва 547,5 милиони евра и кај домаќинствата 481,6 милиони евра. Доверени и се депозити од 913 милиони евра, од компаниите 429,1 и од населението 451,1 милион евра.
И Халк банка е дел од големите, со вкупно одобрени кредити од 987,28 милиони евра (570,36 милиони евра на компании, 411,7 милиони евра на граѓани). Состојбата кај депозитите е 932,1 милион евра (498,3 милиони евра од домаќинства, 403,8 милиони евра од компании).
Меѓу средните банки, најголема е Прокредит. Под нејзиниот чадор се 495,89 милиони евра депозити (290,8 милиони евра од нефинансиски друштва, 188,3 милиони евра од домаќинства). Кредитните пласмани се во вкупен износ од 493,3 милиони евра и повеќе се насочени кон бизнисите – 417,5 милиони евра, додека на граѓаните им се одобрени 72,49 милиони евра.
Со поединци повеќе работи УНИ банка, која на име кредит им исплатила 207,1 милион евра, а кај фирмите завршиле 72 милиони евра. Со тоа, вкупно исплатените кредити изнесуваат 282,4 милиони евра. Депозитите, пак, се 313,8 милиони евра (од компании 72 милиони евра, од население 216,2 милиони евра).
Централна кооперативна банка има депозитна база од 140,7 милиони евра (13,4 милиони евра од фирми и 123,1 милион евра од граѓани), а одобрените кредити се во износ од 120,8 милиони евра (кај граѓани 108,9 милиони евра и кај компании 11,8 милиони евра).
Од битолската Стопанска банка клиентите користат кредити во висина од 110,2 милиони евра (фирми – 49,8 милиони евра, поединци – 60 милиони евра). Депозитниот прилив е 129,3 милиони евра (21,9 милиони евра од нефинансиски друштва, а од население – 97 милиони евра).
Депозитите во ТТК банка се на ниво од 119,5 милиони евра, сочинети од 91,5 милиони евра на граѓани и 23,2 милиони евра од фирми, додека кредитниот сегмент е 77,6 милиони евра (21,2 милиони евра кај компании, 56,4 милиони евра кај население).
Граѓаните (61,5 милиони евра) и фирмите (23,5 милиони евра) од Силк Роуд банка повлекле кредити во вкупен износ од 85,6 милиони евра. Депозитите се 111,87 милиони евра (од нефинансиски друштва 42,7 милиони евра и од домаќинства 56 милиони евра).
Најмалата – Капитал банка, на располагање има влогови од 22 милиони евра – 19,38 милиони од поединци и 2,5 милиони евра од фирми. Кредитните потреби на клиентите ги задоволила со 27,1 милион евра, 16 милиони одобрени на компании и 10,9 милиони евра на граѓани.
Развојна банка е единствената банка во целосна сопственост на државата и е насочена кон поддршка на стопанството. Податоците од НБ, кои се со датум од последниот ден на септември, покажуваат дека оваа банка пласирала кредити во бруто износ од 3,15 милиони евра, од кои 856,7 илјади евра кај нефинансиски друштва.