За само три месеци, или во вториот квартал од годинава, салдото на нефункционални кредити, и на фирмите и на граѓаните, е зголемено за 6,8 милиони евра или за 3,5%.
Во првата половина од годинава банките „тријат раце“, профитот на ниво на банкарскиот сектор е зголемен за фантастични 35,3% во споредба со истиот период лани. Од друга страна овој раст на добивката не е засенет од растот на нефункционалните кредити на фирмите и на граѓаните. Само по основ на потрошувачки и на станбени кредити на крајот од август граѓаните должеле 3.200.000 евра, објави Порталб мк.
За само три месеци, или во вториот квартал од годинава, салдото на нефункционални кредити и на фирмите и на граѓаните, е зголемено за 6,8 милиони евра или за 3,5%. Во вкупните нефункционални кредити доминираат оние на компаниите – уделот на крајот од првиот економски квартал се зголеми до ниво од 65,3%.
Зголемувањето на нефункционалните кредити е присутно кај повеќе индустрии како текстилниот сектор, трговијата, градежништвото. Во вториот квартал нефункционалните кредити во текстилна индустрија се зголемиле за 145,8%, во трговијата на големо и мало за 6,6%, во градежништвото за 5,1% ,а во хемиската индустрија растот е од 25,7%
„Зголемувањето на нефункционалните кредити е присутно кај повеќето економски дејности, а е најзначајно кај „текстилната индустрија“, 3 600 000 евра 145,8%. Високата квартална стапка на раст на нефункционалните кредити кај секторот „индустрија“, речиси во целост е определена од нефункционалноста изложеност кон една компанија од текстилната индустрија. Наспроти тоа, намалување на нефункционалните кредити има кај дејноста „транспорт и складирање“, услужниот сектор и кај останатата преработувачка индустрија“ – се наведува во новата анализа на НБМ за банкарскиот сектор во земјава.
Според податоците на Народната банка, во првата половина од годинава, стапката на нефункционални кредити забележа раст од 2,9%. Кај фирмите тој раст е од 3,9%, а нефункционални кредити на граѓани забележаа раст од 1,9%
Во вториот квартал нефункционалните кредити на претпријатијата се зголемиле за 4,1%. Од друга страна, поради инфлациските притисоци кои влијаат врз економскиот амбиент компаниите воздржано се задолжуваат со нови кредити. Во август, на месечно ниво е забележан пад на кредитите за компаниите за 0,3%.
Граѓаните најмногу се задолжени по основ на потрошувачки и на станбени кредити – токму и по овој основ е најголемиот раст на нефункционални кредити во апсолутен износ. Новите анализи за банкарските ризици покажуваат дека во вториот квартал од годинава нефункционалните кредити на домаќинствата се зголемиле за 3,1% или за нови 2 061 000 евра.
Квартално зголемување на нефункционални кредити кај компаниите е во вкупен износ од 6,800 милиони евра, а кај домаќинства 2.061 милиони евра. Најголем процентуален раст на квартално ниво има кај нефункционалните кредити за купување на стан и деловен простор за 7,5%. Кај потрошувачки кредити растот е од 3,3%, кај негативни салда на платежни сметки од 3,8%, а кај купувањето стан и деловен простор забележан е радт од 7,5%.
„Показателите за ликвидност на банкарскиот сектор се на задоволително ниво, солвентноста бележи подобрување, кредитното портфолио го задржа квалитетот“, оценува Народната банка.
Во вториот квартал од годинава во споредба со истиот период лани добивката на банките е зголемена за дури 35,3%.
„Зголемената добивка најмногу произлегува од растот на нето каматните приходи, а извесен придонес имаше и зголемувањето на нето-приходите од провизии“ се нотира во извештајот.
Со серијата на потези на НБМ за затегнување на монетарната политика банките изминатиот период освен што ги зголемија каматите за кредитите ги поскапеа и провизиите. Според најновите податоци на крајот на август вкупната кредитна изложеност изнесува 7, 056 милијарди евра со годишна стапка на раст од 6,4%. Само по основ на потрошувачки кредити граѓаните должат скоро 1.9 милиони евра а за станбени кредити 1, 307 милиони евра.
На ниво на целиот банкарски сектор нефункционалните кредити се на ниво од 2,9%.