Дел од банките, сами преку меил или СМС порака ќе ги известат граѓаните дека исполнуваат некој од условите.
Банките почнаа да ги објавуваат процедурите како граѓаните ќе можат да продолжат со одложување на ратите за кредити, дополнитени шест месеци, односно до март следната година. На веб страните на повеќето банки веќе се појавија условите и постапките.
Но, овој пат, одложувањето не важи за сите граѓани. Таква можност ќе добијат само оние: кои останале без работа, имаат намалени месечни примања или пак имале високи трошоци за лекување.
Дел од банките, сами преку меил или СМС порака ќе ги известат граѓаните дека исполнуваат некој од условите.
Граѓаните ќе треба да достават барање до банката, и да приложат доказ во форма на документ со кој потврдуваат дека исполнуваат некој од условите.
Некои банки известувањето го почнаа уште од денеска, додека други тоа ќе го прават до крајот на месецов.
Рокот кај сите е 10 дена од доставување на понудата. Доколку во тој рок не се изјаснат граѓаните, ќе продолжат со редовна исплата на кредитот кој го имаат.
Оние граѓани пак, кои нема да добијат меил или СМС порака, а сметаат дека ги исполнуваат условите, ќе треба самите да достават барање.
Но, сега граѓаните ќе помислат два пати пред да се согласат да ги одложат своите кредити повторно, поради фактот што иако ратите за кредити мируваат, сепак каматата си тече.
Па така оние кои повторно ќе го одложат плаќањето на ратите за уште 6 месеци, на крајот– на вкупната сума на кредитот ќе им се додаде и каматата која ќе тече цела година.
Првиот пат – своите рати за кредити ги одложија близу 70% од граѓаните.