Во септември 2021 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 4,46 проценти, а просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,78 проценти.
Тековната добивка на банките, заклучно со октомври годинава изнесува 7,2 милијарди денари, или околу 117,5 милиони евра, објави Народната банка. За истиот период минатата година, добивката на банкарскиот сектор била 96,1 милион евра, или за 21,4 милиони евра помалку од годинава. Всушност, сега за 9 месеци, банките направиле профит колку што наравиле за целата мината година, кога добивката изнесувала 118 милиони евра.
Приходната страна на банките се од камати и од провизии. Износот од каматите наплатени од банките бил 227 милиони евра, а износот од провизиите 105 милиони евра.
Разликата меѓу каматите што ги наплатуваат банките и оние што тие ги даваат за депозитите е голема. Во септември 2021 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала 4,46 проценти, а просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,78 проценти.
Во однос на коментарите во јавноста за ниските камати што ги даваат банките, претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова Штериева, на одбележувањето на Светскиот ден на штедење рече дека секој има право да одлучи за тоа каде ќе ги вложи своите пари, но предупреди дека притоа треба да се внимава на ризиците.
– Во денешно време светот се соочува со различни финансиски инструменти и се справува со различните ризици што ги носат тие инструменти. Сведоци сме на финасиски инструменти, кои се помалку, или повеќе разбрани од граѓаните, а кон кои се стремат сите оние кои сметаат дека банкарските камати во моментов се на многу ниско ниво. Секој има право да одлучува за своите пари, но не секој е финансиски едуциран и писмен за да влезе во инвестиции кои не ги разбира. Најмалку што можеме да кажеме како општествено одговорни компании е да им посочиме на граѓаните да внимааваат каде ќе ги вложат своите пари. Банкарските камати се можеби ниски, но тоа е вложување со мал ризик –рече Стевкова Штериева.
Во однос на провизиите, голем дел од банките на крајот на октомври известија за промени на провизиите во нагорна линија. Ако се отворат тарифниците за провизии на банките, таму може да се види огромна листа за се што банките наплатуваат провизија. Некои наплатуваат годишна провизија за неактивни сметки, некои не, некои наплатуваат месечно водење на сметка, некои само доколку има трансакција во месецот, има и првизии за продолжување на дозволеното пречекорување, така што освен камата, за тоа се плаќа и фиксен износ, во најголем дел од банките има и провизии за затворање на сметките…
Од Организацијата на потрошувачи велат дека секоја банка е задожена трошоците и провизиите да ги објавува на својата веб страна, за да може потрошувачите да ги споредат.
– Според Одлуката на НБРСМ за начинот и постапката за отворање и затворање на трансакциска сметка, во договорот што го склучуваат потрошувачот и банката наведени се сите важечки трошоци или провизии поврзани со работењето на сметката што потрошувачот има обврска да и ги плаќа на банката. Сите измени на провизиите, банките транспарентно ги објавуваат во експозитурите и на интернет страниците. Некои банки доставуваат известувања за измени со користење на е-маил, вибер, смс и сл. Бидејќи станува збор за слободен пазар, видот на провизии и нивниот износ го определува секоја банка поединечно и потрошувачот слободно избира во која банка ќе отвори сметка – велат од Организацијата на потрошувачи каде што ги прашавме за нивниот став во врска со провизиите.