Банките во Србија во сабота на 22 февруари ќе ги затворат сметките на Нафтената индустрија на Србија (НИС) и ќе престанат да вршат трансакции со таа компанија, пишува денеска Нова економија.
„Една компанија престанува да постои кога нејзините сметки се затворени. Дури и ако некој сака да ги прекрши санкциите, нема начин да плати пари на НИС. Владата на Србија навистина не смее да си поигрува со тоа, бидејќи таа самата може да дојде под влијание на санкции“, велат упатените и оценуваат дека предложеното решение, посредниците да купуваат нафта и да ја препродаваат на НИС, не е изводливо, бидејќи и тие би биле под влијание на санкциите.
Според инофрмирациите, сите банки ќе ја прекинат соработката со НИС, која беше санкционирана од САД во јануари, освен „можеби“ Поштанска штедилница, која е во сопственост на државата. Последицата од затворањето на банкарските сметки на НИС е што наскоро ќе престанат да работат и бензинските пумпи на НИС. Компанијата ја разгледа можноста да продолжи со работа со прифаќање само готовина на пумпите, во случај да биде спречена да прима картички, но беше констатирано дека таквиот начин на работа би бил неостварлив во пракса и дека во секој случај ќе има проблем со сите други плаќања што мора да се вршат во банкарскиот систем, пишува Нова економија.
Во Србија, според податоците на Министерството за надворешна и внатрешна трговија од мај 2024 година, има 1.529 бензински пумпи, од кои НИС работи со 324, а повеќе од 100 се во сопственост на Лукоил и Кнез Петрол.