Глобалната криза и кусоците во буџетите го наметнуваат прашањето за зголемување на старосната граница на пензионирање. „Должни сме како експерти тоа да го предложиме“, вели академикот Абдулменаф Беџети.
Кризата со пензискиот систем се посилно чука на врата и во Северна Македонија. Алармот е одамна вклучен, по укажувањата дека дупката во ПИОМ никако не може да се пополни, па секоја трета пензија мора да се исплаќа од државниот буџет.
Сега ситуацијата е дури и полоша. Академик Абдулменаф Беџети за ДВ вели дека сега секој 2,5 пензионер се финансира од државниот буџет. Поради тоа Фискалниот совет, во кој членува Беџети, иницираше поместување на старосната граница за пензионирање. Оваа државна институција основана од Собранието, излезе со став дека треба да се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години и ваквиот предлог е веќе испратен во Собранието. Измената се предлага да стапи на сила во 2026 година и да важи и за мажите и за жените. Одлуката сепак, е во рацете на законодавците.
„Врз основа на анализите на фискалната одржливост на ПИОМ предложивме такви мерки како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Најавите се дека дополнително ќе се разгледува уште еднаш фискалната статегија за 2025 година и најверојатно тогаш ќе треба да се најде решение“, вели Беџети за ДВ.
Два предлози на експертите
Според експертите, ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период. Иницијативата, како што објаснува Беџети, се базира на два предлози. Првиот е постепено зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 0,7 процентни поени во 2026 година, а потоа доколку состојбите се влошени и во 2027 година да се зголеми на 21%.
„По Косово, ние имаме најниска стапка за пензиско осигирување во Западен Балкан“, вели академикот. Втората мерка за која се залагаат е подигнување на старосната граница за пензионирање на 67 години и за мажи и за жени.
„Ова на некој начин еден ден ќе биде побарано како услов за усогласување во фискалната конвергенција со земјите членки на ЕУ, каде што не сме конвергентни се уште. Таа што кога-тогаш тоа ќе дојде. Ние сме должни експертски да ги дадеме овие предлози до Собранието – кога и дали ќе ги прифатат и дали ќе има волја за тоа – зависи од нив. На крајот на краиштата тоа е нивен избор“, вели Беџети.
Зошто 67 години за мажи и за жени?
Овој предлог за пензионирање на мажите и на жените на 67 години, според Беџети, се темели врз основа на стареењето и зголемувањето на векот на живеење на населението. Просечниот век на живеење во Северна Македонија е во пораст, а тоа е тренд којшто е светски, вели нашиот соговорник.
Статистиката покажува дека жените во просек се подолговечни од мажите, додека досега беше обратно. „Денеска во просек пензијата се користи осум до десет години, што не било случај до пред петнаесетина години. Тоа е голем товар. Но, тука можат да бидат исклучок одредени сектори, каде што природата на работата е тешка – како градежништво, рударство и слично, но не и другите“, посочува соговорникот на ДВ.
Според експертите, секоја година се зголемува бројката на нови пензионери – од 1.500 до 1.700. Придружувано со преференцата за емигрирање на младите во странство, а со тоа и релативно намалување на покриеноста на пензионите приходи со наплатените придонеси, проблемот уште повеќе станува комплексен. Оттука фискалната одржливост на Фондот на ПИОМ претставува посебен фискален ризик, посочува Фискалниот совет.
Странски искуства
Глобалната криза и кусоците во буџетите, порано или подоцна, го наметнуваат прашањето за зголемување на старосната граница на пензионирање. Холандија планира до 2025 година да ја зголеми границата за две години, односно на 65 години старост. Шпанската владата на почетокот на 2010 година ја објави намерата да ја зголеми старосната граница од 65 на 67 години. Во Германија може да се пензионирате кога ќе наполните 63 години. Предуслов е да плаќате пензиско осигурување минимум 5 години.
Осигурениците во Северна Македонија имаат право на старосна пензија кога ќе наполнат 64 години за маж, или 62 години за жена и со најмалку 15 години стаж.
Финансиските институции како ММФ и Светската банка во повеќе наврати препорачуваа да се разгледа опцијата да се зголеми старосната граница за пензионирање, со цел да се обезбеди одржливост на пензискиот систем. Во извештајот што ќе го подготви ММФ во февруари следната година, се очекува да бидат истакнати и нивните препораки и сугестии за пензискиот систем.
И извештаите на Државниот завод за ревизија со години наназад посочуваат дека ПИОМ е заглавен во проблеми до гуша. Поради дефицит на средства за исплата на пензии, во 2022 година се трансферирани речиси 530 милиони евра од државниот буџет. Финансиската дупка меѓу приходите и расходите на Фондот за пензиско осигирување е 33,58 отсто, или речиси за секој трет пензионер било неоходно да се црпат пари од државниот буџет за да му се исплати пензија.
Не е добро да се финансираат пензиите од буџетот
Директорот на ПИОМ, Никола Мемов, во неколку наврати изјави дека пари за пензии ќе има, а буџетскиот дефицит е стабилизиран и ќе биде 27 проценти. Предлог-буџетот за Фондот за 2025 година е 135 милијарди денари наспроти 110,5 милијарди денари за годинава. Од трансфер на Владата за исплата на пензиите се очекуваат 35 милијарди денари или 580 милиони евра.
Беџети не се сомнева дека и во иднина ќе се обезбедуваат средства за пензии, со постојано зголемување на партиципацијата на буџетот. ПИОМ годишно повлекува околу 40% од средствата од државниот буџет.
„Но, тоа не е правично од аспект на долгорочна истрајност, затоа што на крајот на краиштата не може пензиите да се финансираат со даночни приходи. Тоа не е добро. Пензиите се контрибуција – прво треба да се финансираат врз основа на контрибуторите. Колку се придонесува, толку треба сразмерно да се добие пензија. А, ова значи прераспределба. Кога тие се финансираат и од даноци, т.е од буџетот, тоа значи дека во секој случај се губи дури и во правичноста на системот“, посочува академикот на МАНУ.
Се повеќе пензионери – пари се помалку
Според податоците од пописот, од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население се намалил за 171.317 жители, или 12,4%, додека бројот на старо население над 65 години возраст, се зголемил за 17,2% или за 101.619 лица. Во Северна Македонија има и 51 лицe на возраст над 100 години.
Според проекциите на статистичарите, се предвидува дека во 2025 година процентуално старосната група над 64 години ќе сочинува 19,1 отсто од вкупното население. Во 2050 ќе биде дури 32,1 отсто, а во 2070 ќе изнесува биде 30,6 отсто. На сметка на тоа, пак, ќе се намали работоспособното население на возраст од 20 до 64 години.
Евростат пред две години објави дека просечната возраст во Северна Македонија е 41,1 година, а децении претходно била 36,4, додека во ЕУ средната возраст на населението лани била 44,4 години, што е зголемување за 2,5 години во споредба со 2012 година.
Податоците на ПИОМ покажуваат дека од октомври годинава, 342.170 граѓани имаат стекнато право на пензија. Од нив, 241.512 имаат старосна пензија, 74,172 семејна, а 25.709 инвалидска пензија. Просечната старосна пензија е 25,366 денари. Над 3.000 пензионери добиваат месечна пензија над 60 илјади денари.