Снабдување со топлина Балкан Енерџи (БЕГ) до 15 септември годинава на скопјани им нуди можност за бесплатно приклучување во системот за топлинска енергија.

Акцијата за приклучување, најавуваат од БЕГ, ќе биде спроведена по принципот „прв пријавен, прв услужен“, а ќе важи за сите заинтересирани корисници кои имаат техничка можност, но не се приклучени на системот за толинска енергија.

– Во минатогодишната акција од сличен карактер, можноста за бесплатно приклучување ја искористија близу 3.000 корисници. Со новото намалување на цената на топлинската енергија за новата грејна сезона 2018/2019 од 3,1 отсто, се очекува интересот за приклучување на системот на централно греење со топлинска енергија да се зголеми, велат од БЕГ.

 

 

За да ја искористат можноста за бесплатно приклучување, заинтересираните потрошувачи треба најдоцна до 15 септември да поднесат писмено барање за приклучување во некој од наплатните центри на Снабдување со топлина Балкан енерџи. За постапката за приклучување можат да се информираат во Центарот за грижа за потрошувачи на БЕГ, на телефонскиот број 02/3076-200.

– Поволностите од оваа акција важат само во објектите кои се приклучени на централниот систем за греење и каде има техничка можност за приклучување на потрошувачите. Секоја дополнителна интевренција во мрежата и инсталацијата во објектот на корисниците ќе се наплатува согласно ценовникот на БЕГ. По 15 септември, а заклучно со 30 септември, за повторното приклучување корисниците ќе плаќаат 50 отсто од предвидените трошоци за оваа услуга, а од 1 октомври, повторното приклучување ќе се наплаќа во целост, согласно важечкиот ценовник, потенцираат од БЕГ.