Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше за последните измени и дополнувања на Законот за минерални суровини.Како што информираше министерот Бектеши, Министерството за економија веќе подолго време работеше на измена и дополнување на Законот за минерални суровини со цел да се изнајде долгорочно решение во случај кога е загрозена безбедноста и здравјето на локалното население.
„Главна цел на оваа Влада е да работи во интерес на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и да носи одлуки со кои што ќе излезе во пресрет на барањата, не само на граѓаните, туку и на бизнис заедницата. Во изминатите неколку месеци до Министерството за економија пристигнаа повеќе преставки од граѓани и општини во однос на безбедноста на граѓаните во околината на населените места каде што има концесии за минерални суровини, за што Министерството за економија и сите надлежни институции излегоа на терен и преку средби со граѓаните и надзор кај концесионерите ја увиде состојбата на терен. Во таа насока се изработени и последните законски измени кои Министерството за економија ги достави до Владата и произлегуваат од барањата на граѓаните, но истовремено не одат на штета на бизнис заедницата“, потенцираше Бектеши.
Со законските измени се додаваат нови основи за еднистран раскин на договорот за концесија од страна на државата.
„Концесијата за експлоатација може да се раскине заради битна повреда на одредбите од договорот или на законите и прописите што се применуваат на договорот и во случај кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението. Во случај да се раскине договорот кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението, тогаш концесионерот може да поднесе барање за добивање на нова концесија за експлоатација на друг локалитет и тоа директно за експлоатација и без спроведување на јавен повик, информираше министерот Бектеши.
Според него, со законските измени исто така основ за едностран раскин на договорот за концесија е и кога концесионерот не го известил Министерството за економија како орган надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини дека има промени во уделите или акциите кои поединечно или во збир би довеле до промена на управувачкиот пакет во друштвото кој е мнозински сопственик кај концесионерот.
„Исто така се додава и основ за раскин на договорот за концесија доколку концесионерот екплоатира помалку од 30 проценти од предвидената количина на минерална суровина согласно главниот рударски проект, во текот на една година, освен доколку концесионерот достави образложение за причината за намалената експлоатација по што може да достави предлог за продолжување на намалената експлоатација за уште една година последователно“ појасни министерот и додаде дека со овие законски измени кои што денеска ќе се најдат на дневен ред на седница на Владата се врши и врши усогласување на прекршочните одредби со новиот Закон за прекршоци, со кои казните за физичките лица се значителни намалени, додека пак за правните субјекти се направени сразнерно на големината на субјектот.
Меѓу новините во законот е и можноста на општините да поднесат барање за добивање на концесија за експлоатација за потребите за изградба на општински пат, по утврдената постапка за изградба на државни патишта.