Струјата нема да поскапи од 1 јануари за 27 проценти тврди минисерот за економија Крешник Бектеши. Иако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е независно тело, кое одлучува за цената на струјата, тој уверува дека барањата за поскапување на струјата за 27 % од 1 јануари нема да бидат прифатени.
МЕПСО, „Електродистрибуција“ и МЕМО доставија пресметки со барање за поскапување на струјата, а Регулаторната комисија најави одлука за следната недела.
– Енергетските компании може да бараат и 400 и 500 % поскапување во делот на трошоците што тие ги пријавуваат и во согласност со нивните планови за инвестирање. Тоа ќе биде одлука на РКЕ колку од тие трошоци ќе ги прифати. 27 % не е некое големо побарување ако споредиме со претходните години од страна на МЕПСО и ЕВН. Тие, најверојатно, нема да бидат прифатени, рече министерот Бектеши по одбележувањето 10 години од постоењето на Фондот за иновации.
Тој уверува дека граѓаните нема да плаќаат повисоки сметки за струја од 1 јануари, туку, напротив, ќе имаат можност да ги намалат сметките со користење на дневната евтина тарифа на струјата.
Корисниците што се во првиот и вториот тарифен блок нема да имаат промена во сметките ниту со воведување на новата давачка, пристап до мрежа, која ќе направи измена само кај оние што се големи потрошувачи на струја и кај оние што имаат по неколку станови или викендички.