Не е прогласена кризна состојба на територијата на Република Македонија во делот на енергетика, соопшти на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши, по деталните разговори и изнесените анализи и информации од енергетските компании.
Потенцира дека до крај на годината нема да има покачување на цената на електричната енергија, имајќи предвид деке истата е утврдена, а Владата за ова веќе презеде определени мерки како намалување на ДДВ-то.
– До крај на годинава ќе имаме електрична енергија да ги снабдиме домаќинствата и за малите потрошувачи, подготвени сме да им помогнеме на ЕСМ и МЕПСО во случај ако има потреба да купуваат електрична енергија на слободниот пазар. Од денес веќе е ставен во функција вториот блок во РЕК Битола, се користат постоечките количини јаглен. Ако успешно помине тендерот за набавка на јаглен ќе се отвори и третиот блок. Подготвуваме различни мерки, а ќе интервенираме каде што е потребно да нема покачување на цената, потенцира Бектеши.
Тој информира дека моментално домашното производство на електрична е 300 мегават часови, а потребите се 500 мегавати.