Месец март го одбележа намалување на вредноста на акциите на глобалните берзи. Надолниот тренд на пазарите во развој беше нешто поизразен во однос на развиените пазари. Поради фактот што инвеститорите се пренасочија кон вложувања во обврзници, поголемиот дел од светските акциски индекси го завршија месецот со пониски вредности во однос на почетокот на годината.
Американските берзи поевтинеа за речиси 3,5%, сметано според индексот MSCI, изразен во евро валута. Потегот на претседателот Трамп, да воведе зголемување на увозните давачки за челикот и алуминиумот од Кина, што во бројки претставува околу 50 милијарди долари увоз, се очекува да предизвика реципрочни мерки од другата страна, кои би обремениле дел од американските производи.
Намалување на вредностите е забележано како кај финансискиот, така и во технолошкиот сектор. Овие два сектора заедно претставуваат речиси половина од вкупната пазарна капитализација на американската берза. Технолошкиот сектор е особено во фокусот, со оглед на фактот што Европската комисија изработи нацрт закон, согласно кој најголемите IT компании би плаќале 3% данок на приходите кои ги оствариле во рамките на ЕУ. Акцијата на Facebook забележа пад за околу 10% на месечно ниво, по разоткривањето на веста дека компанијата дозволила пристап до личните податоци на своите корисници за целите на предизборната кампања во САД.
Раст на вредноста забележаа акциите на компаниите од добавувачкиот сектор, со оглед на фактот што бараниот принос за обврзниците благо се намали, што пак резултира позитивно на секторот кој е изложен на повисоки задолжувања.
Приносот до достасување на 10-годишната државна обврзница се намали за околу 10 базични поени. На своето мартовско заседание, Федералните резерви ја зголемија референтната каматна стапка за 0,25% и најавија понатамошна постапна нормализација на монетарната политика.
Европската централна банка ниту овој пат не изврши промена кај каматните стапки и обемот на откуп на обврзници. Јасно е дека централната банка сеуште ја загрижува ниската инфлација на подрачјето на заедничката валута, која според последно објавените податоци изнесуваше 1,1% на годишно ниво, што е најниска вредност по декември 2016 година. Агрегатниот PMI индекс (The Purchasing Managers’ Index) во Еврозоната, кој е индикатор за економското здравје на производствениот сектор, се намалува веќе трети месец по ред, што укажува на помалку оптимистички поглед на претпријатијата кон стопанството.
Приносот до достасување на 10-годишната германска државна обврзница во март се намали до 0,5%.
Падот на цените на развиените пазари се прели и на пазарите во развој. Поевтинеа акциите во сите БРИК држави. Владимир Путин повторно славеше победа на претседателските избори во Русија. Ова е негов четврти мандат.
Словенечкиот SBITOP остана речиси непроменет на месечно ниво. Најголема заработка од приближно 6% забележаа акциите на Pozavarovalnica Sava.
Останатите берзи во регионот бележат намалување на вредноста, кое е најзабележителнокај бугарските акции, преку падот на домашниот SOFIX за 5,5%.
Исклучок претставува романската берза која порасна за нешто повеќе од 3% на месечно ниво и речиси 13% кумулативно од почетокот на годината.
Македонскиот берзански индекс во март загуби минимални 0,15%. Од елементите кои го чинат МБИ10 индексот, забележително пораснаа единствено акциите на Комерцијална банка Скопје, и тоа за 7,14%, додека најголем пад за еден месец бележи акцијата на Стопанска банка Битола со негативни 11,44%.
НАПОМЕНА: Изнесените податоци се од информативен карактер и не содржат инвестициска препорака за вложување во некој од фондовите со кои управува КД Фондови АД Скопје.
Вложувањата во акциски фондови подлежат на одреден пазарен ризик. Вредноста на уделите може да расте или опаѓа во зависност од тековните состојби на пазарите на капитал.
Пред донесувањето на одлука за вложување, секој потенцијален инвеститор е должен внимателно да ги прочита одредбите од Проспектот и Статутот на фондот во кој има намера да вложи средства, со цел да дознае за каков вид на вложување станува збор, како и за ризиците поврзани со вложувањето во тој фонд.