Nic407731

Берзата во Саудиска Арабија сега ќе им овозможи на странските инвеститори да тргуваат со акции. Тоа е уште еден чекор кон отворањето на конзервативното исламско кралство кон глобалната економија.

Аналитичарите меѓутоа не очекуваат повисок прилив на средства на првиот ден по отворањето на берзата, пренесува Франс прес.

Странските банки, брокерски куќи, фондови и осигурителни компании надвор од Персискиот Залив ќе бидат во можност да инвестираат директно во акции на берзата, доколку ги исполнуваат условите.

“Постојат сериозни ограничувања за сопствениците на странски капитал. Сепак, ова е прв чекор кон поширока либерализација на економијата “, наведува истражувачката куќа Капитал економикс.

Да бидат регистрирани како квалификувани странски инвеститори (QFI), странските инвеститори мора да имаат пет години работно искуство и да управуваат со средства во вредност од најмалку 18.75 милијарди ријали (пет милијарди долари).

Секоја QFI ќе биде во можност да држи максимум пет проценти од акции, а QFI заедно со своите клиенти до 20 проценти од секоја компанија чии акции се тргуваат на берзата.

Аналитичарите проценуваат дека странските инвеститори на Саудиската берза, вредна повеќе од 500 милијарди долари, ќе држат околу 40 до 50 милијарди долари. Петтина од берзата се петрохемиските компании, чии приходи се врзани со цените на нафтата, кои сега се за 40 проценти пониски отколку во периодот пред една година, наведува Капитал економикс.