Министерството за финансии обезбеди 90 милиони евра од КфВ развојната банка за поддршка на буџетските политики со цел справување со предизвиците од кризата. Договорот за заем од КфВ банката за достапност на овие 90 милиони евра е потпишан денеска од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на КфВ за РС Македонија и Косово Мориц Реме.
„Денеска потпишавме договор со КфВ банката за користење 90 милиони евра со кои Владата ќе се справува со последиците од кризата, ќе ја подобрува својата надворешна финансиска состојба, како и за спроведување структури реформи. Ова се дел од средствата што ги обезбеди оваа Влада и Министерството за финансии по поволни услови за да се премости кризата и да се поддржат граѓаните и економијата и да се постигне нејзино закрепнување и забрзување. Истовремено, дел од напорите за тие средства да се обезбедат со најнизок трошок и да не ги ставиме на терет на идните генерации“, рече министерот Бесими.
Тој се заблагодари на КфВ банката за одобрувањето на овие средства и посочи дека тие се потврда за заложбите на Владата за преструктуирање и декарбонизација на домашниот енергетски сектор и обезбедување сигурно и стабилно снабдување на домаќинствата и компаниите со електрична енергија.
„И во време на криза овозможивме со расположливите ресурси и моделот кој го применивме да обезбедиме стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија на сите домаќинства и компании во земјава. Продолжуваме со политики кои се насочени кон зголемување на домашното производство, диверзификација на изворите на енергија и сето тоа насочено кон декарбонизација на домашниот енергетски сектор со вложување во обновливи извори на енергија и со тоа и заштита на животната средина“, посочи министерот.