Во состав на Министерството за финансии ќе се основа академија за јавни финансии, најави министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната промоција на твининг проектот „Зајакнување на функциите на буџетското планирање, извршување и внатрешна контрола“ финансиран од ЕУ, а со поддршка од министерствата за финансии на Холандија, Бугарија, Хрватска и Латвија.

Целта на проектот, според Бесими, е да го зајакне управувањето со јавните финансии и е насочен кон зголемување на буџетската транспарентност, зајакнување на системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, подобрување на ефикасноста на системот на јавни набавки и подобрување на системот на заштита на финансиските интереси на ЕУ.

„Овојпат, во процесот на спроведување на реформите во управувањето со јавните финансии, следејќи ги најдобрите европски практики, ќе се придвижиме кон едно повисоко скалило, преку основање Академија за јавни финансии во рамките на Министерството за финансии. Преку академијата ќе се обезбеди континуирана едукација на државните службеници од областа на управувањето со јавните финансии, со цел создавање модерна и стручна администрација за обезбедување квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти“, рече Бесими.

Според евроамбасадорот Дејвид Гир, ефикасниот и транспарентен систем за јавни финансии е предуслов за економскиот раст на секоја држава. Со таков систем се намалуваат ризиците од измама и корупција и се враќа довербата на јавноста дека јавните пари се трошат во интерес на граѓаните.

„Токму затоа реформите во јавниот сектор се клучен столб во процесот на пристапување кон ЕУ. Поглавјето 32 за финансиска контрола заедно со поглавјата за правда и за внатрешни работи вообичаено се меѓу првите што се отвораат при преговорите за членство во ЕУ. Реформирањето на управувањето со јавните финансии е процес исполнет со предизвици којшто бара постојани политички заложби, носење тешки одлуки и цврста координација меѓу клучните институции во секторот, вклучувајќи ги меѓународните финансиски институции и граѓанското општество“, порача Гир при денешното презентирање на резултатите што произлегуваат од поддршката обезбедена од ЕУ.

Постојните обуки на персоналот на буџетски корисници на централно и на локално ниво и новата академија за јавни финансии, смета Гир, ќе придонесат во градењето транспарентен систем на јавни набавки, но потребни се и понатамошни напори за да се изгради фискална транспаретност и јавна доверба во институциите.

Холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп истакна дека здравите системи за управување со јавните финансии се составен дел на доброто управување и се основна алатка во борбата против корупцијата.