Војната во Украина и последиците што ги носи на глобално, регионално, но и на локално ниво на секоја држава, беа во фокусот на овогодишниот, седми по ред Економски форум Делфи во Грција, што традиционално се одржува во градот Делфи, а на кој учествува и владина делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски.

Од економските, геополитичките, но и енергетските последици не е изоставена ни Северна Македонија, можеби не директно, но секако индиректно, а за пораките од форумот, но и за тоа колку ние како земја сме подготвени да се соочиме со економскиот аспект, дописничката на МИА од Грција, во Делфи поразговара со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и со министерот за финансии Фатмир Бесими, кои воедно ги пренесоа и нивните впечатоци од учеството.

Бесими рече дека форумите од овој тип се корисни затоа што се разменуваат искуства и идеи, посебно кога има учесници од повеќе земји, а вицепремиерот Битиќи посочи дека уште еднаш се повтори „тоа што сме го кажувале на скоро на сите вакви слични форуми дека земјите од Југоисточна Европа, односно и земјите од Западниот Балкан и земјите членки на ЕУ сме толку меѓусебно поврзани и зависни, што најверојатно некогаш, кога политиката ќе ја оставиме на страна ќе треба да почнеме да соработуваме“.

Дополнително тој истакна дека уште еднаш била повторена потребата за соработка затоа што „сите се свесни, дури и земјите членки на Европската Унија, дека ние не сме изолирани острови па сами за себе да се грижиме“.

– Еден од заклучоците што би можел да го кажам е дека заложбата за пристапување на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија беше повторен од сите чинители. Од САД, високи нивни претставници, високи претставници од Европската комисија, дека веќе не е дали и за неколку години, туку најбрзо што е возможно, но дека економската соработка е таа во која заеднички ќе треба да постигнеме резултати, затоа што меѓусебната зависност која што постои треба да ја употребиме како можност за поголем економски развој на сите во овој регион. Сметам дека ова ќе значи поголеми можности за нас како држава, но и за целиот Западен Балкан, истакна Битиќи за МИА.