Немаме краткорочно решение со кое сега веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапуваме за 18,4 проценти, истакна претседателот на СОНК Јаким Неделков по вечерашната средба во Министерството за финансии.
-За жал никаков процент, никакви бројки не беа изнесени на маса и морам да кажам дека излегуваме разочарани што нема што да пренесеме во јавноста и до членството. Очигледно, несериозно се сфаќа дека ќе има генерален штрајк на 11 април, кој може да има многу сериозни последици за сите, изјави Неделков по средбата.
Тој посочи дека не се согласуваат со оценките дека ќе бидат предизвикани сериозни последици по Буџетот и дека е можно да има инфлација доколку се зголемат платите на вработените колку што бара СОНК.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пак, порача дека дијалогот продолжува и оти ќе се обидат до 11 април да најдат решение.
-Разговаравме за решение кое ќе значи трајно решавање на проблемот со системот на плати. Легитимно право е на секој да протестира, меѓутоа во делот на детската заштита децата треба да бидат згрижени. И по Устав и по Закон не смее да биде прекинат процесот за згрижување на деца, изјави Тренчевска.
Доколку воспитувачите одбијат да ги примат децата во градинка, како што кажа, Законот за детска заштита предвидува казни.
-Треба да си обезбедат замена на сите оние коишто ќе штрајкуваат, појасни Тренчевска.