Без средствата што се префрлаат на ЕСМ, сметките на граѓаните во изминатиот период од годината ќе беа повисоки за околу 73 отсто, како што е веќе прикажано и на самите сметки – вели Виктор Андонов, советник за енергетика во Владата
Наместо олеснување, деталните сметки за струја на кои се прикажани примери за износот на државната субвенција, ги преплашија граѓаните. Дел од нив се јавија во редакцијата на „Слободен печат“, интересирајќи се дали ќе треба да плаќаат за тоа? Одговорот е едноставен – имаме пониски сметки за 73 отсто, а прикажаните примери ја покажуваат сумата што би требало да ја плаќаме доколку ја нема оваа државна субвенција. Така, на пример, за сметка од 2.000 денари, субвенционирани се 1.455 денари, односно без намалувањето од 73 отсто, сметката би изнесувала – 3.455 денари.
„Од почетокот на кризата, државата ја субвенционира цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи преку државните субвенции, односно средствата што Владата редовно му ги префрла на ЕСМ за да ја обезбеди неговата ликвидност. Тоа значи дека без средствата што се префрлаат на ЕСМ, сметките на граѓаните во изминатиот период од годината ќе беа повисоки за околу 73 отсто, како што е веќе прикажано и на самите сметки. Секој граѓанин сега може да ја види пресметката на својата сметка за струја колкав износ би требало да плати доколку не постои оваа државна субвенција. Оваа пресметка е во насока на зголемување на активната транспарентност за да имаат предвид граѓаните за движењата на цените на електричната енергија, да бидат повнимателни и да ја штедат електричната енергија – вели Виктор Андонов, советник за енергетика во Владата.
За 2022 и 2021 година Владата на ЕСМ за електрична енергија му префрлила околу 252 милиони евра. Износот за топлинска енергија кој Владата за 2022 и 2021 година, му ги префрлила на ЕСМ е околу 37 милиони евра.
Високите цени на струјата и на гасот се товар за сите европски економии, па државите на овој или на оној начин им помагаат на граѓаните и на бизнисите да ги платат. Со други зборови, се субвенционираат сметките за енергија, иако тоа не се кажува толку отворено како кај нас. Германија, на пример, издвои пакет вреден 65 милијарди евра за да им помогне на граѓаните да се справат со растечките трошоци за живот. Во Србија, цените за струјата за граѓаните и за стопанството се помали од производствената цена. Милојко Арсиќ, професор на Економскиот факултет во Белград, за тамошните медиуми изјави дека државата со својата енергетска ценовна политика спречила голем ценовен удар, но сите на крајот ќе мора да го платат цехот преку зголемување на јавниот долг.
Западните економисти оценуваат дека овој дел од државната помош е лошо осмислен, со оцена дека некои од тие мерки се контрапродуктивни. Од една страна се намалува потрошувачката на домаќинствата и фирмите, но истовремено се одржува високата побарувачка за енергенси.
– Субвенциите за цената на струјата за домаќинствата се лудост – тоа го намалува влијанието врз штедењето – велат од Универзитетот во Манхајм.
Дел од експертите советуваат дека на граѓаните треба да им се даде одредена сума секој месец и да се остават да решат дали ќе ги платат повисоките сметки за гас или да ја намалат потрошувачката на енергија, а парите да ги потрошат на нешто друго.
Инаку, поголемиот дел европски земји, а меѓу нив и четирите најголеми, Германија, Франција, Италија и Шпанија, во своите интервентни планови ги намалија даноците и ги финансираат маржите на бензините, на струјата и на гасот.