Македонија се соочува со алармантен недостиг од работна сила – и ситуацијата може само да се влоши доколку платите не се зголемат, предупредуваат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Според нив, и Владата и работодавачите треба да престанат да ја префрлаат вината на работниците и да погледнат во сопствените редови доколку навистина сакаат да спречат натамошен одлив на работна сила.

Настапот на ССМ доаѓа од Работничкиот дом – симболичното место од каде следната недела ќе започне првомајскиот протест. Од таму беше испратена јасна порака: приватниот сектор, како носечки столб на економијата, мора итно да одговори со покачување на платите.

„Она што му е потребно на приватниот сектор е млад и стручен кадар, но за да се привлечат овие луѓе, мора да се обезбедат достоинствени услови за работа и повисоки плати“, изјави Иван Пешевски, потпретседател на ССМ. Тој нагласи дека „повисока плата не значи 500 евра – туку 500 евра како минимална основа, која потоа ќе се множи со соодветен коефициент според тежината на работното место, со што би се зголемиле и останатите плати“.

Пешевски посочи дека платите во трудоинтензивните сектори не би требало да бидат под 50.000 до 60.000 денари, доколку државата сака да ја задржи работната сила и да го спречи нејзиниот масовен одлив кон земјите од ЕУ.

Дополнително, ССМ изрази загриженост за зголемените притисоци врз нивните членови. Тие тврдат дека се вршат обиди за дискредитација и потиснување на нивната работа, додека, како што велат, се фаворизира синдикат кој, за разлика од нив, не се залага за повисоки плати.

„Додека бараме транспарентна проверка на репрезентативноста на синдикатите на национално ниво, се соочуваме со пријави за притисоци врз наши членови, вклучително и обиди за нивно отчленување. Се создава простор за друг синдикат, кој, иронично, не бара подобрување на платите – што отвора прашања зошто токму тој е поприфатлив за властите“, изјави Пешевски.

ССМ веќе повика на првомајски протест – не марш – како одговор на, како што велат, нечовечките услови за работа, доцнењата со исплата на плати и непочитувањето на колективните договори и во јавниот и во приватниот сектор.