Основачот на „Мајкрософт“ и мултимилијардер Бил Гејтс ќе одвои 1,5 милијарда долари за борба против климатските промени.
Парите ќе бидат искористени од неговиот инвестициски фонд „Брејктру енерџи“ и тој ќе ги инвестира во соработка со американската влада.
Од 1,2 билион долари планирани за развој на инфраструктурата во САД, кои се очекува да бидат одобрени од конгресмените, повеќе од 100 милијарди долари ќе бидат потрошени за борба против климатските промени. Тоа вклучува од борба против екстремни временски појави до набавка на електрични училишни автобуси.
Во овој инфраструктурен фонд, 25 милијарди се наменети за проекти за јавно-приватно партнерство. Оние што се дел од оваа програма се надеваат дека ќе соберат 15 милијарди долари за „климатски паметни технологии“. Една од клучните цели на Гејтс е до 2050 година да создаде економија неутрална со јаглерод.
Програмата ќе придонесе за развој на различни сектори без употреба на фосилни горива, вклучително и воздухопловството. Покрај тоа, средства ќе се инвестираат во технологии за отстранување јаглерод диоксид од атмосферата и за производство на уреди за складирање енергија.
Тој очекува дека тоа ќе се постигне преку јавно-приватно партнерство. Сепак, Скот Склар од Институт за управување со животна средина и енергија при Универзитетот „Џорџ Вашингтон“ истакна дека во борбата против климатските промени веќе постојат јавно-приватни партнерства, но и дека тие не дале големи резултати.
Од друга страна, Џона Голдман од „Брејктру енерџи“ верува дека јавно-приватната соработка ќе овозможи флексибилност на двете страни и сложени решенија. Гејтс, исто така, ја официјализираше соработката со Европската Унија за заштита на животната средина, потсетува Си-ен-ен.