На денот на бојкотот против високите цени на продавниците Бугарите пазареле стока за 27,3 милиони лева во големите трговски синџири. Но, нивниот промет е намален за 28,8% во однос на претходниот ден, објави Телеграф.бг.

„На 12 февруари прометот на големите синџири беше 27,3 милиони лева, додека на денот на бојкотот, 13 февруари, прометот достигна 19,4 милиони лева. Или пад од 7 милиони и 900 илјади лева, или пад од 28,8 отсто“, соопшти Министерството за финансии.

Во рок од еден месец Министерството за земјоделство ќе предложи законски измени за ограничување на препродавачите и скратување на синџирот на снабдување – од производител до продавница.

„Оваа регулатива би довела до нормализирање на пазарот, со цел земјоделците да добијат правичен и доволен приход за она што го произведуваат, бидејќи во моментот има дисбаланс. Ќе ги заштитиме дополнително, доколку сето тоа се случи, преку заштита на земјоделците ќе постигнеме и олеснување за потрошувачите“, додаде министерот за земјоделство, Георги Тахов.

Здружението за модерна трговија соопшти дека ќе се сретне со премиерот и се надева на конструктивен дијалог, поддржувајќи ги идеите за скратување на синџирот на снабдување и поддршка на производителите.