Доколку периодот на отчитување е 35 дена, тогаш првиот блок не изнесува 210 киловат часови, туку 35 дена по 7 киловат часови на ден изнесува 245 киловат часови. Се зголемува. Вториот блок не изнесува 630 киловат туку за 35 дена изнесува 690-700 киловат часови. Колку повеќе се зголемува периодот на отчитување, толку и блоковите се зголемуваат. Се гарантира на секој граѓанин, 7 киловат часови по прв блок надневно ниво. Тоа се множи со бројот на отчитувања и тука граѓаните не се оштетени, изјави денеска првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски за жалбите на дел од граѓаните за повисоките сметки за струја.

Според првиот регулатор, она што се гледа од сметките е дека некаде има направено превид на потрошувачката од универзалниот снабдувач и очигледно е дека има грешки, бидејќи, како што вели, граѓаните не се задоволни. Во прашање е отчитувањето.

-До вчера, од оваа година имаме добиено 99 претставки за сметки на електрична енергија и со седумте од лани, вкупно 106 жалби, каде што граѓанинот се обратил до ЕВН, а од таму рекле во ред е сметката. Понатаму граѓанинот ја обжалува одлуката до РКЕ и веќе почнуваме да носиме одлуки, кажа Бислимоски во емисијата „Студио 10“.

За 10 дена, додава тој, имаме повеќе од 10 одлуки и најголем дел од нив се позитивни за граѓаните и му се наложува на ЕВН Хоум да ги коригира. Претседателот на РКЕ додаде дека технички е невозможно сите броила да ги прегледува ЕВН и затоа се правело превидување на потрошувачката.

Сметките за струја во зимските месеци повторно предизвикуваат незадоволство кај граѓаните. Во јануари годинава, до ЕВН Хоум пристигнале 1.385 барања за корекција на фактурите. Дел од јавноста, но и опозициските партии, претходно обвинија дека добиле сметки за струја на увид, според кои, некаде се покачени за 20%, а некаде дури и за 30%. Обвинија дека на некои места биле платени неверојатни 8.000 денари за струја во јануари или 2.000 денари повеќе од минатиот месец.

Од РКЕ исто така укажуваат дека потрошувачите можат самостојно да ги отчитаат броилата по што можат онлајн да ја пријавуваат состојба на броило во ЕВН, со што врз основа на овие податоци за потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа ќе добијат реална фактура за потрошената електрична енергија.

Од 1 јануари 2025 година, цената на електричната енергија во сите четири блокови е зголемена за 0,92 отсто. Во првиот блок зголемувањето изнесува 0,68 отсто, во вториот 0,90 отсто.

РКЕ претходно информираше дека делот од мрежарината што го плаќаат домаќинствата и 90 проценти од малите потрошувачи се намалува за седум проценти. Претходно мрежарината за домаќинствата изнесуваше 2,3 денари, а сега е 2,14 денари. Процентуалното учество на трошоците за мрежарина е 38 проценти.