Во декемвриските сметки за струја граѓаните веќе го имаат надоместокот од 200 денари за мрежарина, но овој надоместок ќе биде тргнат во јануари, информира првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.
Според Бислимоски, во јануарските сметки, кои граѓаните ќе ги добијат во февруари, ќе го нема тој надоместок за да се тргнат сите сомнежи дека тоа е екстра давачка или профит за некого.
„Го правиме ова за да ги убедиме сите дека новиот надоместок нема да биде екстра профит за ниту една компанија. Едноставно, довербата што треба да се гради помеѓу потрошувачите, од една страна, и операторот на дистрибутивниот систем, од друга, мора да ја зголемуваме и затоа потенцирам дека во јануарските сметки, кои граѓаните ќе ги добиваат во февруари, ќе го нема надоместокот од 200 денари“, рече тој.
Компанијата „Електродистрибуција“, како што рече Бислимовски ,постапила според одлуката на РКЕ.
„Компанијата ‘Електродистрибуција’ постапила во согласност со одлуката на Регулаторна бидејќи има период на отчитување во декември и има во јануари. Од 15 декември до 31 декември се едни цени и од 1 јануари до 15 јануари се други. Граѓаните треба да си го искористат намалувањето на првиот блок. Од тие причини, со ‘Електордистрибуција’, која веќе ги испратила тие фактури, а кои не се направени спротивно на нашите одлуки, но за да ја зголемиме довербата кај потрошувачите и да не се шират фами дека некому му се дозволува екстра профит, во јануарските сметки ќе го нема надоместокот за пристап кон мрежа од 200 денари“, дециден е Бислимоски.