Работната група сè уште нема предлог како да се намалат функционерските плати, но вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека во јавноста се создава погрешна слика дека намалувањето на функционерските плати ќе им ги зголеми платите на другите. Вицепремиерот Битиќи објасни дека намалувањето кај функционерите, кои со одлука од март годинава добиваат 78 % повисоки плати, нема да биде доволно за покачување на платите на административците.
„Реално, создадена е погрешна слика. Намалувањето на платите не значи покачување на платите за другите бидејќи нивото на евентуалното намалување кај 1.260 избрани и именувани лица не е доволно за 135.000 вработени во јавниот сектор. Тоа може да биде игра што сегашната опозиција сака да ја прави, но фактички е лажно ветување како што сме се навикнале и во минатото да гледаме од актуелната опозиција кога беше на власт“, рече вицепремиерот Битиќи.
На кој начин ќе се намалат, сè уште не е извесно, но Битиќи вели дека е веќе извесно оти функционерските плати нема да бидат зголемени во март в година.
Нагласи дека усогласувањето седум закони за да се намалат функционерските плати воопшто не е лесен модел, но најави дека работната група набргу ќе ги изготви предлозите и ќе ги достави до Владата.
„Работната група сè уште се обидува да ги хармонизира предлозите со сите засегнати страни затоа што, како што сме укажале, намалувањето или интервенциите кај платите на избрани и именувани лица се прави преку 7 законски решенија. Моето очекување е дека набргу ќе дојдеме со предлог до Владата, па потоа останува Владата соодветно да ги одобри предлозите или да ги одбие“, вели вицепремиерот Битиќи.
Тој очекува предлогот што ќе го достави Владата веднаш да биде изгласан во Собранието оти се работи за закон од општествен интерес.
Премиерот Димитар Ковачевски неколкупати досега рече дека пари за зголемените плати на функционерите во буџетот за 2024 година не се предвидени.
Нешто повеќе од еден месец останува за изготвување и за гласање на предлогот во Собранието за намалување на функционерските плати.