Не е точно дека оваа влада ќе ги укине субвенциите за електрична енергија од први јули, рече денеска вицепремиерот за европски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи.
Според него, има одлука за субвенционирање на електричната енергија до 30 јуни оваа година, а следната влада што ќе биде предводена од СДСМ е подготвена, како што нагласи, да донесе одлуки битни за граѓаните, а тоа е субвенција.
– Ако дојде друга влада, прашајте ги нив – истакна Битиќи, одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на јавната дискусија за нацрт-текстот на „Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија 2024-2026“.
Не е заглавен изборот за универзален снабдувач со електрична енергија, рече денеска Битиќи.
Според него, Комисијата за евалуација работи секојдневно на тоа.
– Мислам дека веќе наредните денови Комисијата ќе излезе со конкретен резултат – нагласи Битиќи, одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на јавната дискусија за нацрт-текстот на „Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија 2024-2026“.