Криптовалутата Биткоин денеска, првпат од крајот на 2021 година, ја проби границата од 50.000 долари.
Биткоинот денеска (13.02) ја проби границата од 50.000 долари (46.445 евра) за првпат од крајот на 2021 година. Цената на криптовалутата се искачи на 50.328 долари, но потоа повторно благо падна на 49.950 долари. Набљудувачите очекуваат дополнително зголемување.
Една од причините за зголемувањето на вредноста е што американската Комисија за хартии од вредност (СЕЦ) на 10 јануари ги одобри првите Биткоин-индексни фондови (ЕТФ). Ваквите фондови ја следат цената на криптовалутата. На тој начин, инвеститорите можат да инвестираат во Биткоин без да мора самите да го купуваат директно.
Биткоинот достигна најголема вредност во 2020 година. Поради низа скандали, како банкротот на втората по големина платформа за криптовалути ФТХ и обвиненијата за проневера против нејзиниот шеф Сем Бенкмен-Фрид, курсот во изминатите години падна. Шефот на американската Комисија за хартии од вредност (СЕЦ), Гери Генслер, пред одобрувањето на Биткоин-индексните фондови предупреди дека вложувањето во криптовалути е „шпекулативно и многу несигурно“ и веќе е користено за перење пари и други нелегални активности. По судската одлука, СЕЦ мораше да даде дозвола за индексните фондови.