Значаен раст на финансиските расходи предизвикан од големо зголемување на краткорочните кредитни обврски и умерено зголемување на долгорочните обврски. Приходите од продажба се одржуваат на ниво од над 7 милиони евра, а добивката од работење е над 5 отсто

Единствената домашна компанија што произведува квасец и шпирт лани остварила приходи од продажба во износ од 442,3 милиони денари односно околу 7,16 милиони евра, покажуваат официјалните податоци кои битолската Фабрика за квасец и алкохол ги објави вчера.

Во споредба со 2016 година оваа компанија книжи пониски приходи од продажба за 17 милиони денари што е пад на продажбата за 3,7 отсто и е во рамки на толеранција и не треба да ги загрижува акционерите на таа компанија. Од расположливите податоци се гледа дека најголема расходна ставка е збирот од трошоци за потрошениот материјал и ситен инвентар кој достигнал вредност од 242,46 милиони денари и во однос на 2016 година бележи раст од 10 милиони денари. Останатите оперативни расходи однеле 101,1 милиони денари при што е направена заштеда во однос на 2016 година од 6 милиони денари. Заштеда од 2 милиони денари е направена и кај трошокот за вработени кој изнесува 71,9 милиони денари. По подвлекување на цртатата оперативната добивка на Квасарата лани била 23,85 милиони денари и изнесува 5,4 отсто од приходите од продажба. Оперативната добивка лани во споредба со 2016 година пораснала за 8,7 отсто.

Голем раст на финансиските расходи!

 

Финансиските расходи на Квасара лани достигнале 6,2 милиони денари односно 38 отсто. Таа ставка во однос на 2016 година лани пораснала за 1,7 милиони денари. Од билансот на состојба се гледа дека Квасара лани ги зголемила обврските по краткорочни кредити и тоа за 7 пати во споредба со 2016 година. Тие лани достигнале 30 милиони денари, а на крај на 2016 година изнесувале 4,2 милиони денари. Лани значајно пораснале и обврските на компанијата спрема добавувачите во однос на 2016 година. На крај на 2017 година тие биле на ниво од 57,6 милиони денари што е за 18 милиони денари повеќе од 2016 година. Истовремено со краткорочните обврски за 26 милиони денари (односно 26 отсто) пораснале и долгорочните обврски на компанијата.

Обврските на Квасара лани достигнале до 218,6 милиони денари односно пораснале за 70 милиони денари.Од билансот на состојба е видливо дека побарувањата од купувачи Квасара успеала да ги одржува блиску до нивото од 2016 година и тие пораснале само за 8 милиони денари до износ од 138,8 милиони денари.Финансиските приходи биле само 344.000 денари. Нето добивката за лани е 16,7 милиони денари и тоа е минимално зголемување од 400.000 денари во однос на 2016 година. Таа е 3,8 отсто од приходите од продажба.