Во рамки на кампањатата “Да ја поддржиме приказната на Делчево”, утре и задутре во Делчево ќе се одржи Бизнис-форум на кој ќе бидат претставени можностите за инвестиции и услови што ги нуди општината согласно законските надлежности.
– На бизнис форумот очекуваме присуство на сите наши пријатели од општините со кои сме збратимени од нашите соработници од земјава и странство, од претставници на бизнис секторот, нашите иселеници и токму затоа го организираме овој настан на овој датум кога нашите иселеници се дома. Целта на бизнис форумот е да се видат перспективите за развој на Општина Делчево, истакна делчевскиот градоначачалник Горан Трајковски, на прес конференцијата по повод одржувањето на овој настан.
На настанот освен презентација на градот Делчево низ историјата и вредностите на Општина Делчево, ќе бидат презентирани и проектите што се во тек и во фаза на планирање за реализација, а во рамки на истиот предвидено е и одржување на дебата насловена “Идеи за развој на Делчево”.
По завршувањето на бизнис форумот на 8 август 2018 година од 19 до 24 часот на летната сцена во непосредна близина на манастирот „Свети Пантелејмон“ под врвот Чавка на планината Голак ќе се одржи и Меѓународниот фолклорен фестивал „Голачки фолклорни средби 2018“.