Стопанството се противи на предлогот да плаќаат данок на солидарност. Bелат дека на тој начин се „удира“ врз успешните. Државата еднократно сака да им наплати данок на екстра профит, оти сега е време да возвратат и да придонесат за ублажување на последиците од ценовната и енергетската криза.
Големите компании кои лани оствариле десетици милиони евра приход, бараат државата да не ми наплаќа данок на екстра профит.
Се работи за еднократен данок, што државата планира да го воведен за компаниите кои во 2022 оствариле поголем приход од 10 милиони евра.
Стопанската комора, под чија капа се големите фирми, побара да се повлече Предлогот за закон на солидарност. На соопштението од Стопанска комора беа потпишани 16 фирми, плус претседателот на Комората, Бранко Азески.
Податоците од Македонска берза или финансиските извештаи на компаниите, покажуваат дека фирмите потписнички на барањето оствариле далеку повисоки приходи од 10 милиони евра. Па така на пример, во 2022 Макпетрол има над 600 милиони евра приход, Алкалоид над 230 милиони евра, компаниите од групацијата Фероинвест/Централинвест во сопственост на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев лани оствариле 113 милиони евра приход, Комерцијална банка над 86 милиони евра, Пекабеско над 85 милиони евра. Тие лани оствариле поголем приход од годината претходно и од пандемиската 2020.
На Предлог законот за солидарност се спротивставија и од другите стопански комори и од Советот на странски инвеститори. Велат дека предлогот е селективен, „ги пенали успешните“ и ќе ги одврати инвеститорите.
„Се врши оданочување на добивката што ја оствариле компаниите, независно дали истата е резултат на пазарните услови или е резултат на нивното работење, односно резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и сл. Тоа ќе доведе до дестимулирање на успешните компании, кои се инвестициски ориентирани, односно во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години“, стои во соопштението на Стопанска комора.
Од таму потсетуваат дека Комората ги застапува компаниите кои создаваат половина од вкупниот приход во приватниот сектор, кои генерираат речиси половина од нето добивката во тој сектор и компании кои вработуваат повеќе од една третива од вработените во приватниот сектор.
Зекири – Фирмите ќе платаат пенали оти се успешни
И Дурим Зекири од Стопанската комора на Северозападна Македонија вели дека со овој данок фирмите ќе плаќаат пенали само затоа што се успешни.
„Ова ги дестимулира компаниите, но и инвеститорите во нашата земја во иднина да инвестираат и да целат кон раст и развој“, вели Зекири.
Државата, пак, вели дека сега е време успешните компании да возвратат и да придонесат за ублажување на последиците од ценовната и енергетската криза. Власта очекува со оваа мерка да се опфатат околу 200 компани од кои треба да се наплатат над 80 милиони евра.
И македонската економија, како и останатите во светот, беше погодена првин од последиците од ковид кризата, на што се надоврза кризата со енергенсите и нивниот пораст на светските берзи, што пак придонесе за раст на цените и висока инфлација.
Стопанската комора во неколку наврати изминатите години апелираше државата да помогне со сметките за струја, во спротивно ќе се затворат фирмите. Тогаш порачуваа државата да се угледа на другите земји. Државата им ги субвенционираше сметките само на фирмите и граѓаните кои се на регулираниот пазар, не и на големите фирми кои се на слободниот пазар на струја.
„Сега, кога берзанските цени не им одговараат, бараат помош“, порачаа од Владата на крајот на октомври минатата година.
Бизнисот претходно барааше помош за да се справат со последиците на ковид кризата.
Државата за време на пандемијата и потоа за време на енергетската криза и ценовниот шок во неколку наврати носеше пакети помош за компаниите – субвенционираше плати, нудеше поволни кредити, намали царински давачки, имаше помало ДДВ, беше стопирано исплаќањето дивиденти и бонуси, се субвенционираа сметки за струја за компаниите на регулиран пазар на струја, се олеснуваа мерки за поставување фотоволтаици…
Користеа помош од државата, сега не сакаат да возвратат
Меѓу топ десетте корисници на државна помош за време на пандемијата, како што пишуваше Радио Слободна Европа, во 2020, беше и компанијата Брако. Меѓу најголемите приматели на државна помош тогаш беа и компаниите на странските инвеститори во земјата.
Сега и Советот на странски инвеститори бара да се запре носењето на законот, оти се носел ад-хок и создавал несигурност и кај постојаните и кај странските инвеститори.
„Инвеститорите сакаат стабилност, а не импровизации“, се наведува во соопштението на Советот на странски инвеститори.
Директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, пак, вели дека данокот нема да се одрази негативно врз странските инвеститори во зоните. Кога беше најавен законот, од компаниите му реагирале само за тоа дека „не им било кажано навреме“, вели Деспотовски.
Предлог законот ќе се носи со европско знаменце
Реакциите на бизнисмените не стивнуваат, но и покрај нивните барања, власта е решена да наплати таканаречен данок на солидарност. Овојпат предлог законот се враќа во Собрание, но со европско знаменце. Идејата за данок на солидарност на крај на минатата година во интервју за Радио Слободна Европа го најави министерот за финансии Фатмир Бесими.
Предлог законот се најде во Собрание на почетокот на 2023. Предлогот предвидуваше да се наплати данок од 30 отсто само на добивката која во 2022 година е поголема од 20 проценти во однос на претходните години. Но бидејќи предлогот воопшто не беше разгледан од Комисија за финансирање и буџет, Владата го повлече и повторно го стави во собраниска процедура, но сега ќе се носи со европско знаменце. Предлозите со вакво знаменце се носат со скратена постапка. Владата знаменцето го оправдува оти овој предлог бил по урнек на европската регулатива. Се следи примерот на земјите членки во ЕУ, но и Велика Британија и Украина, кои не се дел од Унијата, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.