Мораториумот за градба го блокира и го прави Охрид мртов град, а ние трпиме огромни финансиски загуби се жалат охридските бизнисмени после воведената забрана за градба.Велат нема инвеститори, нема интерес за вложување, губи бизнис секторот но и туризмот од кој живее населението. Танас Танасоски е еден од оние кои вложиле големи финансии во градба, ги платил комуналиите но ги стопирал активностите поради мораториумот.
„Стопирано е се, платив комуналии во вредност од околу 3 милиони и се стопираа, не само на објект туку и на многу други. Јас како инвеститор ви гарантирам дека ако продолжи мораториумот Охрид ќе стане мртов град.“ – вели Танас Танасоски бизнисмен.
Мораториумот според искуството на правните застапници ги враќа назад заинтерисираните бизнисмени од идејата за инвестирање во Охрид, а со тоа велат големи загуби трпи туризмот но и општинската каса.
„Конкретно имаме примери каде бренд хотелиери се заинтересирани да градат хотели, но не можат да издадат маркица ниту дозвола и ја напуштаат таа идеја. Јас сметам дека во новиот план треба да се направи флексибилност во делот на хотелите поготово кај оние со 5-6 звезди. Туризмот не смее да трпи штета.“ – вели Игор Кичеец адвокат.
Бизнисмените се противат и на регулативите кои се најавуваат во новиот план за управување со регионот.Бараат да се донесат генерален и детален урбанистички план и јасно да се одвои што е под заштита а што не.
Од друга страна од националната комисија на Унеско стојат зад ставот дека претераната урбанизација изминатите години ја направила неопходна одлуката за воведување мораториум оти само со него може да се воведе ред но и да се зачува статусот.
„Мораториумот е алатка со која спроведуваат препораките на Унеско за да се воведе ред во неконтролираната урбанизација. Не сум сигурен дека странските инвеститори веќе напуштаат, туку мислам дека тие можеби го чекаат вистискиот момент кога ќе имаме чиста позиција за да инвестираат. И на крајот на краиштата не се само луксузните хотели тие што го развиваат туризмот во овој регион, постојат многу други компоненти за развој кои што треба да ги искористиме.” – вели Зоран Павлов од националната комисија на Унеско.
Мораториумот Општина Охрид го воведе во август месец. Со него целосно се стопираше издавањето дозволи за градба, урбанистички планови, урбанистичко – плански документации и архитектонско-урбанистички проекти. Истиот не ги опфати само инвеститорите кои пред донесување на одлуката ги издале потребните одобренија за градба.